Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан вечерва беше отворена изложбата на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”. 22 јануари е датум кој е исклучително важен, потпишувањето на Елисејскиот договор, кој на некој начин го означи француско-германското помирување и една длабока соработка помеѓу Франција и Германија и токму овој проект на кој сведочиме вечерва го валоризира минатото, сегашноста и иднината, рече амбасадорот Ле Риголер.
Во рамките на проектот „Старата скопска чаршија: визии за иднината” беа вклучени 25 студенти од различни факултети во земјава кои работеа со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве. Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, различни обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија,разотктивајќи ги мултикултурните аспекти, лица, споменици и сокаци. Грижата и заштитата на културното наследство се исклучително важни, но кои се практиките во Франција во таа насока.
„Многу одамна и од 19 век имаме многу силна јавна политика за заштита на културното наследство. Тоа значи дека има финансии за да се одржи тоа културно наследство, имаме правила, имаме пракси коишто го заштитуваат тоа наследство. И не може да се прави било што со културно-историски градби, не може да се прави нешто во нивна близина и тоа е дел од цела една државна политика. Има архитекти кои се специјализирани во заштита на културното наследство и сето тоа чини многу, но важно е дека станува збор за културно-идентитетско наследство“, изјави Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција.
Меѓукултутрниот дијалог е исклучително важен во промислувањето на културното наследство и стратегија за заштита на истото.
„И токму архитектурата којашто ја имаме во нашите градови и во нашите земји и работата за зачувувањто на културното наследство, на нашето заедничко културно наследство е дел од нашата работа. И ние го искусуваме тоа секогаш кога некој друг ќе каже нешто за нашето културно наследство, кога ќе го слушнеме мислењето на другите луѓе, тогаш добиваме една сосема друга перспектива за она што е наше“, изјави Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија.
Во рамките на настанот беше прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија – кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.
Нина Стефанова
