Вести Култура

Топ три настани од културата во 2025 година

Да правевме избор само од театарски претстави , таа ќе го освоеше првото место. А, вака со разновидни успешни настани од културата, што ја одбележаа 2025 година, претставата „ Гидионовиот јазол“ на Драмски театар, работена по текстот на Џона Адамс, во режија на Драгана Милошевски Попова,- го освои трето место. Овој ангажиран театарски чин зборува за жртвите на образовниот систем, за цензурата врз талентираните деца и за битката на мајката Корин Фел, во изведба на актерката Билјана Драгиќевиќ – Пројковска, за откривање на причините и виновникот за смртта на нејзиниот син Гидион. Квалитетно направена беше улогата на наставничката Хедер, што ја толкува младата Ања Митиќ , а Драгичевиќ – Пројковска за улогата на мајката освои награда за високо актерско постигнување на годинашниот Фестивал на камерен театар „ Ристо Шишков“.

  • Зачнуваме една тема , која што ја оставаме со отворена врата. Што значи тоа? Дека решение нема, дека можеме ние да го приближиме она што се случува во општеството пред сѐ и во училиштата. Меѓутоа, решението сепак останува зад отворени врати, т.е. дека секој треба да види каде е неговата грешка, изјави Билјана Драгичевиќ- Пројковска- актерка.

Со учество на 73 фестивали ширум светот и со освоени 29 награди, меѓу кои две на „ Санденс“ -од публиката и специјална од жирито за креативна визија, три од Кошице – за најдобар филм, најдобра режија и најдобра машка улога на Ариф Јакуп, исто така три награди од фестивалот во Сараево, Гран При од  Херцег Нови и признание од жирито во Сао Паоло, филмот „ Диџеј Ахмет“, снимен по сценарио и во режија на Георги Унковски, го зазема второто место на нашата топ листа. Тој зборува за растењето во традиционална средина, чии очекувања го отежнуваат животот на младите при искусувањето на првата љубов.

  • Темата ме пронајде мене. Мислам дека е доста актуелна тема на светско ниво. Во Македонија дури е можеби малку повеќе очигледна, да кажам. А, уште повеќе во јуручките села, каде што има транзиција меѓу генерации. Тоа и го раскажува, тоа е факт дека таму родителите се растени без струја, а децата растат со смарт телефони, изјави Георги Унковски- сценарист и режисер на филмот.

Започнаа со „ Македонска парафраза“ бр.2 од Бете Илин, продолжија со „ Тешкото “ од Глигор Смокварски, па со „ Пет македонски народни песни“, во аранжани за симфониски оркестар, од Сони Петровски, во чија изведба како солисти настапија Ана и Игор Дурловски, а завршија со „ Симфонија бр.8, опус 88“ од Антонин Дворжак. Ова беше програмата со која Македонската филхармонија, под диригентство на Јерухам Шаровски ја освои публиката во Златната сала на Музикферајн во Виена , на крајот на октомври. Според реакциите, публиката особено ја плени изведбата на „ Тешкото“ кое беше изведено и на бис и „ Назад, назад Калино моме“. Стоечките овации на крајот од концертот се потврда за успешниот, историски настап за нашата Филхармонија и затоа тој го доби заслуженото прво место.

  • Приемот на публиката, искрено не очекував , мислев дека ќе биде поладно, ама со такво топло срце нѐ примија. И нас уште повеќе не поттикна, некако така, имаше хемија на концертот помеѓу нас и публиката . Така што завршивме со „ Тешкото“, завршивме со тапани и завршивме со таква еуфорија изјави Ана Кондратенко- концерт- мајстор на Македонската филхармонија.

И се веселиме на 2026 поради возбудата што ќе ни ја донесат многу нови настани и креации.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мехмети: Граѓаните очекуваат политики, а не отворање базени

Tea Dimkovska

Ранѓеловиќ: Перцепцијата за „предавство“ на претходната власт сè уште ѝ носи предност на Владата

Tea Dimkovska

Македонија избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе