Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изрази надеж дека Европската Унија (ЕУ) нема да пропадне поради наметнување на едноумие, како што тоа им се случи на Југославија и Советскиот Сојуз.
Милановиќ е во дводневна посета на Словачка, каде што утре ќе се сретне со словачкиот колега Петер Пелегрини и со премиерот Роберт Фицо.
На состанокот со претставниците на хрватското национално малцинство во хрватската амбасада во Братислава, Милановиќ рече дека Пелегрини и Фицо ги познава долго време, комуницира со нив и дека е нивен истомисленик, „што не значи дека денес во Европа сите мислат исто“.
„Но, постои една тенденција луѓето да се наговараат, а ако не оди убаво, многу брзо се откажуваат од тоа, па потоа се оди на сила за сите да мислат исто, а тој филм веќе го гледавме. Поради тоа пропаднаа Југославија и Советскиот Сојуз. Се надевам дека нема и Европската Унија“, рече Милановиќ.
„Не можат сите да се однесуваат на ист начин, а заедничките демократски вредности се прашање на толкување“, додаде тој.
