На две недели пред крајот на годинава во буџетот недостасуваат 730 милиони евра од планираните приходи. Според бројчаникот на Министерството за финансии, досега во државната каса се прибрани 5,1 милијарди евра, а планот е на приходната страна да бидат стокмени околу 6 милијарди евра.
Со ова се отвори прашањето за тоа како тече реализацијата на буџетот. Министерката за финансии Кочоска тврди дека се уште има приливи на пари.
„Пред неколку дека слушнав една хистерична изјава дека 60 милијарди нема да се наплатат. Заклучно со петокот ќе видите дека не е така, 315 милијарди денари до овој момент се наплатени. Сега почнува наплатата на даночните приходи, придонесите до последен ден ќе се прибираат многу од компаниите кои отплаќаат плата во декември наместо во јануари“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Кочоска тврди и дека трезорот ќе работи и дека ова прашање излегло од контрола. Иако деновиве некои државни институции за Телма потврдија дека добиле насоки да ги завршат сите плаќања до 15 декември и оти тогаш ќе им бидат повлечени неискористените пари назад во државната каса, Кочоска уверува дека од институциите само се бара да ги достават налозите до трезорските служби, за да може на време сите исплати да бидат извршени.
„Трезорот прима налози до 15, што не значи дека ако некој задоцнил дека нема да ги примиме. Што затвораме и ќе одиме на скијање. Ќе го затвориме и заминува цел трезор. Мислам дека е несериозно да се каже дека трезорот затвора. Не, трезорот ги прибира налозите за подобро да се организира до крајот на годината. Како ние ај сега пак ќе речам ќе го затвориме министерството и ќе одиме на зимување. Не е така трезорот ќе си работи до 31 декември“, додава Кочоска.
Иако, се доцнеше со исплата на парите од „Мој ДДВ“, но и со некои социјални трансфери за кој Кочоска тврди дека во Министерството за труд имало нови решенија, а во меѓувреме се земаа и кредити од домашни банки, од Владата постојано уверуваат дека пари во буџетот има и тој е ликвиден.
Ирена Чачкова
