Штрајк на судската администрација нема да има откако во последен момент на состанок на судско буџетскиот совет беше одлучено додатоците на плата за да се зголемат 20 проценти а кај судиите за 5 проценти. Во моментов околу 1.600 вработени во судската администрација сеуште ја чекаат ноемвриската плата како и исплатата на додатоци кои веќе доцнат осум месеци а истекува и рокот за исплата на регресот.
Првичното барање на синдикатот УПОЗ беше 25 проценти зголемување на додатоците на плата како доверливост и ризик на работа.
- „Моментално никој нема плата додека не се пуштат платите за сите вработени во судовите. Додека не се донесе одлука на судскиот буџетски совет а денес треба да се донесе одлука. Им препорачувам да донесат одлука со додатоци на плата за вработените во судовите. Доколку таква одлука не се донесе веќе од четири суда, одржани состаноци, луѓето бараат прекин на работа, дали ќе биде штрајк или протест треба да се организира а од наша страна е кажано дека нема да ги чекаме сите судови и ако некој сака да штрајкува нека штрајкува“ – Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.
Од УПОЗ соопштија дека имаат голем број на замерки за однесување и постапки на судиите особено во делот на тужби по основ на Колективи договори потпишани од синдикатите кои не ги тангираат бидејќи тие се функционери а не работници и по кои се одлучува експресно за разлика од останатите.
- „Моментално од сите функционери во државата само судиите имаат не сакам да кажам храброст, ќе кажам немаат образ, па користат права од Колективни договори. Ова би значело дека и пратеници и градоначалници и министри и заменици министри и премиер ќе треба да добие регрес за годишен одмор или јубилејна награда. Судски буџет кога ќе прашаме за овие прашања како да се паднати од Марс – тие не знаеле, а на секоја седница се носат одлуки за исплата на плата, јубилејни награди, регрес за годишен одмор на судиите. Мислам дека апсолутно немаат никаква совест“ – Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.
Според синдикатот веќе три години не е распишан оглас за вработување во судската администрација иако се празнат места поради заминување во пензија и како пример беше наведен скопскиот Кривичен суд каде има помалку дактилографи од судии. Судската администрација веќе два пати штрајкуваше во 2017 и 2023 а штрајковите речиси ја парализираа работата на судовите и створија огромен број на предмети во застој.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
