Почна главната расправа за буџетот за 2026 во Собранието. Се планира во државната каса да се приберат над 6 милијарди евра, а да се потрошат 6,7 милијарди евра. Буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 отсто од БДП-то. Владата очекува инфлацијата догодина да се намали на 2,5 проценти, а растот на економијата да биде 3,8 отсто. Капиталните инвестиции се планирани на 650 милиони евра.
Министерката за финансии вели дека буџетот е реален и развоен – се фокусира на забрзан економски раст и на постепена фискална консолидација, односно намалување на буџетската дупка. Според неа, податоците за економскиот раст за годинава охрабруваат дека наредната година ќе биде уште подобра. Економскиот раст најмногу ќе биде поттикнат од инвестициите и од приватната потрошувачка.
„Главен двигател ќе бидат бруто инвестициите како резултат на поинтензивната реализација на инфраструктурните проекти особено коридор 8 и 10д, како и вложувањата во енергетиката, железницата, земјоделството, образованието и здравството. Дополнителен двигател на бруто инвестициите ќе биде и поддршката на општините за реализација на капиталните инвестиции со цел порамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните. Зголемувањето на довербата на економските субјекти, подобрувањето на деловната клима и владините мерки за поттикнување на инвестициите се значаен фактор за постигнувањето на проектираниот раст на бруто инвестициите“, вели министерката Гордана Димитриеска Кочоска.
Опозицијата критикува дека буџетот е нереален, неразвоен и социјален. Според нив, во буџетот има скриен дефицит, затоа што растот на економијата е нереален и многу повисок од очекувањата на меѓународните институции. Со нереално предвидениот раст власта си отвора простор за поголеми задолжувања, обвинува опозицијата.
„Со ваква основа, буџетот за кој денеска расправаме е предговор за неговиот пролетен ребаланс. Кога тежиштето е поставено на нестабилна основа, сценариото е познато, а тоа е дополнително задолжување или ново кратење на веќе скратените капитални расходи. Резултатот ќе биде економски раст кој нема да гради продуктивни економски капацитети, туку раст што ќе позајмува“, вели Фатмир Битиќи од СДСМ.
Фискалниот совет претходно имаше забелешки затоа што буџетот помина на влада без да ги консултираат. Тие реагираа дека ако се пресметаат и доспеаните, а неплатени обврски, јавниот долг е повисок од официјално прикажаниот.
Срѓан Стојанчов
