Вести Македонија Топ вести

Анкетните комисии циркус за пред народ без правен ефект?!

Анкетните комисии кои пратениците побараа да се формираат во Собранието, една за кочанската трагедија а друга, покрај за оваа и за останатите несреќни случаи од последните години, како пожарот во модуларната болница, Дурмо турс и Беса транс, се циркус за пред народ и можат само да им нанесат  штета на роднините на загинатите, предупредува професорот Борче Давитковски.

Укажува дека, каков заклучок и да се донесе, нема да има никаков правен ефект, а за старите случаи не може да се побара ниту политичка одговорност затоа што тогашните функционери сега не се на власт. Според Уставот, наодите на Анкетните комисии се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на актуелните носители на јавни функции.

„Тие сега 45 работни дена ќе ја замајуваат македонската јавност со тоа што ќе изигруваат полицајци, обвинители и судии за нешто што е веќе завршена работа. Прво, Анкетна комисија се формира за утврдување на политичка одговорност на актуелни носители на извршна власт, второ,за Ласкарци, модуларната болница и несреќата во Бугарија имаме веќе правосилни пресуди и Парламентот за нив веќе не смее да расправа затоа што тоа значи дека законодавната власт се меша во работата на судската власт“, вели проф. д-р Борче Давитковски.

Професорот укажува и дека, анкетната комисија за кочанската трагедија е задоцнета затоа што почна судскиот процес. Ако имаа доблест, вели, требаше тоа да го сторат досега.

„Судскиот процес почна и автоматски законодавната власт повеќе не може да бара политичка одговорност. Сега веќе има кривична одговорност и повторно Парламентот не може да се меша во рамки на судската власт. Тоа Французите го решиле уште во 1957 година со една ордонанса во која се вели дека, доколку за некој настан веќе е формирана Анкетна комисија, а во меѓувреме се утврдени кривични елементи, нејзината работа престанува. Доколку, пак, веќе има кривичкна постапка, воопшто не се ни формира Анкетна комисија. Така што, и за едниот и за другиот случај, ова ќе биде само циркус за пред народ“, вели професорот. 

За барањето на СДСМ и Левица да имаат мнозинство во комисијата, професорот вели дека опозицијата нема право да влијае на анкетните комсисии затоа што тие се формираат на паритетна основа. И ова, вели, е една од причините зошто кај нас ниту една анкетна комисија досега не успеала.Во неговата долгогодишна професорска кариера, немало ниту еден позитивен пример кој би им го посочил на студентите за успешно завршена работа на анкетна комисија.

Затоа, смета дека пратениците треба да седнат и да ги донесат реформските закони и буџетот, а не да си играат мајтап со граѓаните,  да изигруваат истражители и да утврдуваат одговорност за нешто што е веќе завршена работа.

Далиборка Демјанска Цветановска

Дигитална обработка: T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Oдделот за имунологија на Детската клиника нема да функционира – пациентите ќе се препраќаат на други оддели

Дејан Дејан

Привремен прекин на системот „МојДДВ“ поради техничка надградба

Дејан Дејан

Во земјоделското училиште во Битола се запишале три деца – Јаневска вели наставниците не биле доволно ажурни и не успеале да привлечат ученици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе