Ресурсен центар ќе ги учи општините како да собираат даноци и умно да ги трошат парите. Проблеми кај локалната самоуправа има многу и преку комуникација со централната власт и вмрежување ќе се учат како да ги решат, велат експертите. Дел од општините допрва ќе ги учат како се прибираат даноци. За општините во последните неколку години има финансиски инјекции од над 300 милиони евра, а во 2026 година ќе влезат со вкупен долг од над 83 милиони евра.
Ресурсен центар е новата алатка на Владата која ќе им помага на општините ефикасно да раководат со своите финансии, да комуницираат со централната власт, ќе ги учи како да се вмрежуваат и како да наплаќаат даноци и потоа да ги користат средствата за да се постигне најголем учинок и напредок.
„Замислата е да има една контакт точка, една контакт точка за комуникација меѓу градоначалниците и администрацијата и меѓу институциите и централната власт. Овој проект беше насушно потребен и е сублимат на сите проблеми кои ги тиштат градоначалниците“, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа.
Општините се соочуваат со огромен број на предизвици, во делот на јавни финансии, внатрешна ревизија, човечки ресурси, јавни набавки, урбанизам и многу други сегменти, а ресурсниот центар кој е поврзан со голем број на министерства и државни институции е алатката со која ќе напредуваат преку зајакнување на капацитетот и ќе има се оди во правец на фискална децентрализација, смета универзитетскиот професор Борче Треновски.
„Да фасилитирате од подобрите општини да ги споделите искуствата кај другите. Ова е систем кој треба да опфати повеќе сегменти и цели за да го зајакне постоечкиот капацитет и да поминеме во следната фаза на децетрализација кога вистински општините ќе добијат повеќе средства и ќе ги испорачаат услугите. Бројките и буџетите се една работа. Политиките се важни. Мора секоја една од оваа реформа да биде проследена со одредени политики за промена. Промена во нивните политики, во нивните шаблони на работа, во нивните статути. Дисциплината доаѓа преку воспоставување на рамка на нивно однесување паралелено со поддршката која ја добиваат“, вели Борче Треновски, универзитетски професор.
Општините тонат во долгови заедно со нивните општински претпријатија, не наплаќаат данок, не прибираат доволно средства и нерационално ги трошат, покажуваат анализите на институциите. Ресурсниот центар покрај контакт точка ќе биде дистрибутивен центар за донаторските средства и алатка за развој на општините и рамномерен регионален развој.
„Со почнување од 2026 година ќе им ставиме на располагање ажурирани бази на даночни обврзници на локалните самоуправи преку кои ќе можат посоодветно да си ги колектираат сопствените извори на финансирање. Тоа е тоа што може централната власт да го направи. И со постојните законски решенија имаше градоначалници кои колектираат 100 отсто од своите извори на финансирање, но, за жал, имаме општини кои што во изминатите 10 години немаат издадено ниту едно даночно решение. Оние кои нема да постапат во периодот кој следи ќе бидат ограничени во делот на искористување на помош и поддршка од централниот буџет, бидејќи не е соодветно постојано да барате финансиска помош од поголемиот брат“, додава Перински.
Според министерството за финансии, долгот на општините заклучно со септември е над 68 милиони евра и до крајот на годинава за плаќање ќе им доспеат дополнителни 14, 8 милиони евра, па во 2026 година ќе влезат со долгови од над 83 милиони евра. Состојбата е уште полоша со општинските јавни претпријатија чиј долг во третиот квартал достигна околу 130 милиони евра, а до крајот на годинава пишува дека за плаќање ќе им стигнат уште 11,6 милиони евра.
Постојано се прави дотур на средства во нивните каси, но без ефект. Претходната влада за да ги закрпат дупките обезбеди над 50 милиони евра. Оваа гарнитура веднаш откако ја презеде власта, договори 250 милиони евра унгарски кредит за капитални проекти во општините. Дополнително за нив се обезбедија пари со пренамена на средства од државниот буџет кој го полнат и граѓаните.
Огнен Чанчаревиќ
