Болницата во Струга, со непродолжување на времениот договор на работното место на бремена жена психолог, направила директна дискриминација врз основа на пол, род и бременост, стои во образложението на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Ваквата одлука на раководството на болницата следувала веднаш штом таа соопштила дека е бремена.
Дополнитено што, како што тврди подносителката на претставката, заради претрпената траума и покрај тоа што имала уредна бременост без никакви ризици во 27-та гестациска недела го изгубила бебето. Според Томшиќ, болницата во Струга не нашла оправдана причина зошто го прекинува работниот однос.
„Ова произлегува од фактот што подносителката на претставката четири години наназад значи од 2021 година добивала договори за работен ангажман како психолог во наведената болница, а овие договори биле продолжувани година за година, дури имало обид од страна на болницата да распише јавен повик за вработување во 2024-та за неопределено, кој што е конкурентен случај не значи дека ќе била вработена госпоѓата, но сепак тој оглас бил запрен поради изборите значи со допис од министерството за финансии дека не може да се спроведуваат огласи за вработување“, потенцира Душан Томшиќ, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Во 2024 на 1 октомври е понуден нов договор кој бил со траење до крајот на годината. Но, како што наведува и самата во претставката, за сите други 30 работници кои што работеле со исти договори, но на различни позиции на подолг временски период им биле продолжени договорите и следната година.
Во моментот кога во болницата разбрале дека е бремена, договорот не ѝ бил продолжен и на нејзино место е примена друга жена психолог. И токму тука Комисијата, додава Томшиќ, ја гледа дискриминацијата.
Директорот на Општа болница Стругам Владимир Бунчевски и министерството за здравство во допис за Телма со идентичен став дека не станува збор за прекин на договорот, туку за негово истекување.
„Во конкретниот случај не станува збор за прекин на договорот, туку за истечен договор, заклучно со 31.12.2024 година, бидејќи за продолжување на договорот потребна е претходна согласност од Министерство за финансии што за неа не е добиена. Во меѓувреме, болницата има распишано оглас за прием на дипломиран психолог на кој учествуваше и именуваната, која на ранг листата беше рангирана на второ место, по што беше донесена одлука за прием на прворангираниот, а именуваната нема поднесено жалба за оваа одлука“, изјави Владимир Бунчевски, директор на Општа болница Струга.
Во меѓувреме Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе мислење кое е доставено и до подносителката на претставката дека може дополнително да побара судска заштита пред надлежен суд.
Нина Стефанова
