Иако има правосилна 10-годишна затворска казна како виновен за трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, полицијата не може да го најде Ремзи Мифтари и да го однесе во Идризово. Мифтари претходно ја избегнуваше затворската казна со лекарско уверение за кила на тестиси, но откако истече тоа уверение, сега и во реалноста се покажува дека нема здравствени проблеми бидејќи ниту се јави во затворот сам ниту полицијата може да го најде.
Судот и полицијата уште не го нашле Ремзи Мифтари, осудениот на 10 години затвор за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 луѓе, а 30-тина беа повредени. Веб медиумот СДК.мк објави дека потрагата и барањето на осудениот Мифтари трае 4 дена откако гостиварскиот суд испратил барање до МВР и СВР Тетово за присилно приведување на издржување на затворска казна.
Од СВР Тетово за Телма потврдија дека пред четири дена ја добиле наредбата, но гостиварската полиција не успеала да го најде дома ниту на други локации и во тек се активности за негово откривање. Претходно, за Мифтари била изготвена покана за да се јави на издржување на казната во затворот во Идризово, но откако тој не се јавил во рок- затворот го известил надлежниот гостиварски суд и е покрената постапка за присилно приведување.
Кога на лице, судот му упатува покана за издржување на затворска казна или се испраќа наредба за приведување- судот е должен да испрати и известување до граничната полиција за да осуденикот не избега легално преку официјален граничен премин.
СДК.мк пак објави дека на граничните премини не бил регистриран излез на Ремзи Мифтари и „поради тоа се смета дека се крие во државата“. Мифтари откако Апелација речиси му ја дуплираше казната и од 6 му ја зголеми на десет години затвор, стана познат во јавноста бидејќи бараше одлагање на казната со лекарско уверение за операција на кила на тестиси. Поради тоа успеа да се спасува од одење во Идризово, но тоа уверение му е истечено и сега во реалноста се покажува дека килата на тестисите не му прави проблеми бидејќи тој си шета слободно, а полицијата не може да го најде 4 дена.
Ремзи Мифтари одговорниот за превоз во Дурмо турс и сопственикот на фирмата, Дурмиш Белули се осудени на по 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци кога неисправен автобус полн со патници излета од патот. Загинаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени, некои и со доживотни последици. Возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години, а тројца вработени во техничкиот сервис на Дурмо добија една 5-годишна и две 7-годишни затворски казни.
Миомир Серафиновиќ
