Вести Македонија Најважни

Измените на КЗ ќе влезат во Собрание до крај на годината – Мицкоски подготвен да ја донира платата за судиите да судат законски

До Нова година пред пратениците ќе бидат предложени долгонајавуваните измени на спорните одредби во Кривичниот законик. Премиерот Мицкоски најави дека ова следува под притисок на одлуката Уставен суд. По истекот на рокот од шест месеци, Уставен му дава уште една шанса на Собранието да интервенира во контроверзните законски одредби во Кривичниот законик (КЗ) со кои се создава неказнивост за функционерите.

Ако до крајот на годината не се смени зкаонот,  уставните судии ќе одлучуваат дали ќе ги укинат или поништат измените од септември во 2023-тата. Претседателот на судот, Костадиновски во „Топ тема“ го повика Собранието да се одважи и да биде уставно подисциплинирано. Од законодавниот дом за Телма одговорија дека чекаат предлог од Владата, а денеска се огласи и премиерот.

„Тоа ќе го направиме до Нова година, ќе влезат во парламент тие измени за да не се случи да направиме една општа колективна амнестија во општеството и сите криминалци коишто се во затвор да излезат. Секој треба да има одредена одговорност пред да донесе било каква одлука. Претходната влада го измени КЗ, така што направи многумина да имаат политичка амнестија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

За премиерот, Кривичниот законик е суштинска реформа за разлика од други шест закони од реформската агенда, меѓу кои и оние за платите на судиите, обвинителите, судските и обвинителските службеници за кои вели главна реформа е зголемување на платите.

Ја повикувам јавноста нека каже, дали треба да се зголемат платите на судиите и обвинителите? – Еве, јас ќе ја донирам мојата плата, ама барем нека судат согласно закон. Моралот не ми дозволува да се согласам на зголемување на плати за лица кои немаат никаков рејтинг. И, ако е тоа клучната реформа која треба да се направи, простете, но јас нема да ја направам“, додаде Мицкоски. 

Експертите, но и невладините повеќе пати објаснуваа дека една од клучните придобивки на  законите од реформската агенда е финансиската независност на правосудството за кое и во  актуелните закони има пропишано загарантиран процент на средства кои не ги добило ниту една година.

Целта е судството и обвинителстовто да не зависат од извршната власт ниту за инвестиции, ниту за вработување на службеници за што сега се жалат дека не добиваат согласности од министерството на финансии.

Недостатокот на кадар и ресурси во правосудстовто го констатира Европската комисија во последниот извештај. Севкупната независност и финансиска автономија на судството се поткопани од мешањето и притисокот од другите гранки, стои во извештајот.

За тоа дали владата ќе ја продолжи постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски премиерот кусо одговори „почекајте, ќе видите“.

Елена Ивановска Мукоска

Дигитална обработка: Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Земјотрес со јачина од 7,2 степени го погоди северниот дел на Јапонија

Sasko Dimovski

ЕУ го одобри трговскиот договор со САД за царините

Sasko Dimovski

Има 112 далекуводи, за 59 нема имотни листови, трафостаници во заедничка сопственост со ЕВН – ревизорски извештај за МЕПСО

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе