Одат на продажба 40-те филијали и еден нафтен склад на Лукоил во земјава. По воведување на санкциите од САД за руската нафта, од компанијата донесоа одлука да ја продадат целата актива со која располагаат надвор од Русија. Понуда за купување добиле од глобалниот трговец за енергенси Гунвор груп. Ова го потврдија и од Лукоил. Компанијата е основана од шведски бизнисмен и руски милијардер, но наводно тој го продал својот дел. Лукоил ја прифаќа понудата, согласувајќи се да не преговара со други потенцијални купувачи.
„Продажбата на Лукоил се должи на рестриктивните мерки на некои држави воведени против компанијата и нејзините подружници“, информираат од Лукоил.
Првиот регулатор Бислимовски вели дека се слушнал со првите луѓе на Лукоил. По ваквите случувања не очекува да се јави недостаток од нафтени деривати.
„Во Македонија најголем дел околу 80 проценти на обезбедените количини доаѓаат од Грција понатаму околу 7 до 8 проценти заради Лукоил доаѓаат од Бугарија. Од овие санкции Македонија на ниту еден начин нема да биде погодена, затоа што компаниите од кои што доаѓа нафтата во Македонија не се погодени од овие санкции, сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати е обезбедена и во многу потешки периоди пред неколку години кога во најголем ек беше енергетската криза немаше загрозување на редовното снабдување со нафтени деривати“, изјави претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Но, кога САД го воведе пакетот санкции кон двете најголеми нафтени компании Лукоил и Роснефт, од Регулаторна комисијата првично предупредија дека е можно да има зголемување на цените на дериватите. Од почетокот на неделава, досега имаше две корекции во цената.
Од македонско-руската стопанска комора се надеваат дека со преземањето ќе биде се во ред и дека нема да има затворање, затоа што без работа ќе останат над 500 лица, буџетот ќе изгуби солидна сума на пари по основ на даноци и други давачки, а енергетиката ќе остане без сериозен играч.
До 21 ноември Лукоил треба целосно да се ослободи од својата актива.
Според податоците од комората, компанијата располага со бензиски пумпи на Балканот, но и во САД. Има 34 фирми ќерки. Во Бугарија и во Холандија во сопственичката структура учествува и државата, а откако се објавила информацијата за продажба на Лукоил акциите на компанијата паднале за околу 7 отсто.
Пред санкциите на САД, Европа одлучи да забрани транзит на руски гас од ЕУ кон трети земји. Иако, 90 отсто од количините на гас во земјава се од Русија, надлежните тука уверуваат дека нема да има проблеми.
Ирена Чачкова
