Единаесет месеци затвор е казната за 43-годишниот родител, кој во август на фудбалско игралиште во Штип нападна двајца 15-годишни фудбалери на штипска Брегалница. Пресудата ја донесе кривичниот судски совет, чиј претседател е судијата Невена Перица. Родителот од Скопје е огласен за виновен за сторечно кривично дело „насилство“.
„Донесена е пресудата за обвинетиот Авни Абгулиј, од Скопје за сторено кривично дело „Насилство“ од член 386, став 4, од Кривичниот законик и осуден е на казна затвор од 11 месеци. Пресудата не е правосилна, следи период на жалба до Апелацискиот суд“, информира портпаролот на Основниот суд, судијата, Сашко Георгиев.
Адвокатот Асмир Алиспахиќ вели дека очекувале ослободителна пресуда, бидејќи неговиот клиент, 43-годишниот родител не ги тепал 15-годишните фудбалери во спорната 89 минута на натреварот меѓу младинските екипи на Брегалница и на Шкупи на 24 август. Најави дека ќе ја обжалат пресудата на повисокиот суд.
Според основното јавно обвинителство, инцидентот се случи на 24 август, откако во 89 минута на натпреварот меѓу младинските екипи на Шкупи и на Брегалница, кога судијата му додели втор жолт картон и го исклучи од игра синот на 43-годишниот родител. Незадоволен од одлуката, најпрвин синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација.
Од обвинителството тогаш посочија дека на игралиштето влегле и други лица од публиката кои спречиле натамошна ескалација на настанот. Насилството на овој фудбалски натпревар го осудија ФФМ и двете екипи, а беа изречени и казни за клубовите и младите фудбалери кои учествуваа во инцидентот.
Викторија Јованова
