На 19 ноември ќе седиме во судницата со тешки срца, но со непресушна волја. Ние нема да дозволиме случајот да биде сведен на бројки и бирократски фрази. Сите детали, технички пропусти, кршења на правила, коруптивни нити ќе мора да излезат на виделина. Шеесет и три сенки ќе ве следат, порачуваат родителите на дел од загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ пред почетокот на судењето.
„Ова судење нека не биде само формална постапка, нека биде споменик на вистината. Нека секој сведок, секој документ, секоја снимка гласно кажат што се случи и зошто се случи. Нека судот не гледа само виновници во очи, туку и пропустите на системот кој ги дозволил тие виновници да делуваат неказнето“, порачаа родители на загинатите во „Пулс“.
Обвинетите ги нарекуваат убијци, бидејќи, според нив, факт е дека нивните постапки, невнимателност, ароганција и корупција довеле до смрт. Притоа прашуваат како да бидат мирни, кога обвинетите не се ни извиниле и кога институциите што требало да ги заштитат покажуваат пукнатини и празнини.
„Гневот што ни го носи ова судење е праведен. Тоа е гнев што не е насочен на сламки и сенки, туку на реални виновници: одговорните за безбедноста, за дозволите, за надзорот; сопствениците, менаџерите, оние што ја направија дискoтеката место на погубување; оние што со корупција или небрежност дозволија неправда да процвета. Нашиот гнев е и повик до државата: не можете да поставите ѕидови од дипломи и потписи и да очекувате дека ќе ги заменат човечките животи што ги изгубивме“, додаваат родители на загинатите во „Пулс“.
За пожарот во дискотеката кој се случи на 16 март годинава обвинети се 34 луѓе и три фирми.
Марија Митевска
