„Македонскиот јазик ја имал улогата на национален јазик уште пред да стане службен со познатото решение на АСНОМ, донесено на неговото прво заседание и затоа агументирано може да се тврди дека,официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е некаква „вештачка конструкција„, рече претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, во својот говор по повод денот ан Академијата. Попов зборуваше за настаните кои му претходеле на чинот на кодификацијата што се случил пред точно 80 години,за кој вели дека е логичен след на долговековниот и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти, што го прават уникатен. Побара од државните институции целосно да го имплементираат Законот за македонски јазик.
- Борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена, таа мора да трае и пред меѓународните институции за човекови права, бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. Законот за македонски јазик е донесен со задоцнување и затоа државните институции треба да вложат усилби за негова имплементација, рече Живко Попов, претседател на МАНУ.
Попов укажа дека е потребна правилна употреба на македонскиот јазик и затоа при изготвувањето на законите, но и при преводот на законодавството на ЕУ на македонски јазик мора да се користат терминолошките билтени и речници, подготвени од врвни лингвисти. Предупреди дека, само со доследна примена на дефинираните термини во образованието, во стручните и научни публикации, но и во документите и секојдневниот живот, ќе се спречи напливот на туѓи зборови кои не се во духот на македонскиот јазик. Најави и формирање на национален центар за дигитализација на културното наследство на државата. Побара и коренити реформи во научно-истражувачката дејност, посебно министерство за високо образование, како и конечно да се донесат измените на Законот за МАНУ.
- МАНУ како највисока научна и уметничка институција во државата има долг и обврска не само да ја чува и негува традицијата воспоставена од нашите претходници, туку и да обезбеди иднина во која македонскиот јазик, култура и идентитет ќе бидат безбедни и неоспорувани, рече Попов.
МАНУ во моментов работи на 75 научно-истражувачки проекти од разни области. Предвидена е и обемна издавачка дејност-27 периодични и 40 посебни изданија.По усвоената национална стратегија, се очекува Академијата да се вклучи и во изработка на заеднички проект со владата од кој треба да произлезат приоритетни документи за развој на државата до 2050 година.
Далиборка Демјанска
Б.С.
