Додека светот денеска го одбележува Светскиот ден на менталното здравје, најгласно одекнува тишината во умовите на оние што се вратија од фронтовите и заробеништво во Источна Украина. Лекарите предупредуваат: физичките рани може да заздрават, но невидливите – оние што тивко го разјадуваат духот – бараат многу повеќе време, грижа и разбирање.

Физичко и морално уништување без ниту еден испукан куршум, а тоа би било похумано, вели украинскиот војник Артем Лихожон, кој поминал 1.111 дена во заробеништво по битката за Мариупол. Бевме принудени да ги блокираме сите емоции што ги имаме, тој сега е пациент во Центарот за ментално здравје во Лвов, Украина.
- Речиси и да не чувствувам љубов. Мојата прва средба беше следниот ден со моето семејство. Дојдовме кај нив, сите беа многу среќни што нè видоа, а и јас бев среќен што ги видов нив, но не почувствував ништо. Го чекав овој момент секој ден овие три години. Го замислував под какви било околности, но не под околностите во кои се покажа. Само стоев таму. И ми беше жал за моето семејство, што им изгледав ладен, но навистина не чувствувам ништо“ – Артем Лихожон, поранешен воен заробеник.

Како да се излечат невидливите рани, физички последици од тековната војна се очигледни, но, што е со менталните лузни?, прашува Олег Березјук кој раководи со одделот за ментално здравје во болницата, каде соработуваат со американски, британски, француски и израелски колеги, психотерапевти и психолози. Во текот на последните 4 години, центарот им помогнал на 24.000 пациенти.
- „За четири години ја научивме тежината што лежи во бројките. Огромен број луѓе. Војната им ги уништи мозоците, им ги прекина невронските врски, им ги уништи невроните. А денес мора да ги пронајдеме најоптималните, најквалитетните и наједноставните алатки што би ја вратиле оваа невропластичност и неврогенеза“ – Олег Березјук, раководител на одделот за ментално здравје.
Некогаш војник сега врзан за инвалидска количка, Валентин Олексиенко има повреди на ‘рбетниот столб.
- „Ни беше кажано ‘тој нема да преживее, нема да живее ниту еден ден, ќе биде врзан за кревет до крајот на животот’. Не верував во ништо од ова. Знаев дека заедно, со заеднички напор, ќе постигнеме подобар резултат“ – Алина Олексиенко, сопруга на Валентин.
Лекарите тврдат дека дека е можен нов начин на живот, што ќе биде подобар од претходниот и ќе одговара на новите околности.

Ветеранот Олексиенко, кој во центарот го прослави и својот роденден, поради повредата на р’бетот го изгубил чувството во рацете и сега треба да користи адаптивен прибор за јадење.
- Еве ги адаптивните методи. Во врска со вилушката. Ако јадете нешто, тогаш овој дел од вилушката треба да биде потежок од рачката, бидејќи не можам да ја држам. Не знам како ќе го јадам сега.
- Загризаj! Твое е, загризаj!
- Чекај, чекај, и рачката ќе излезе. Ќе излезе… Да! Вкусно е, рече Валентин Олексиенко, ветеран.
Иако враќањето на личноста каква што биле пред војната може да биде невозможно, психотерапевтите и психолозите сметаат дека терапијата и поддршката можат да помогнат. Клучот е во градењето нов начин на живот по траумата.
Билјана Ставрова
