Вести Македонија Топ вести

По три години затвор за тројцата кои направиле мини депонии кај Вардариште

По три години затвор добија обвинетите кои нелегално складираа отпад во дивата депонија Вардариште. Судијката Бранка Наумоска денеска ги прогласи за виновни Максуд Мемиши, Алмир Асани и Флорим Арифи, бидејќи создале депонија која предизвикала опасност по здравјето на луѓето и загадување на земјата и воздухот. Тие остануваат во притвор до правосилност на пресудата.

На претходното рочиште Мемиши, Асани и Арифи признаа вина, односно дека ја загрозиле животната средина и природа со складирање и создавање на диви депонии на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје, изразија каење за стореното и тврдеа дека во иднина нема да го повторат делото.

Адвокатот на сега осудените најави жалба на пресудата за неговите клиенти.

Денеска во МВР претставници на иницијативата „Стоп за Вардариште“ имаа средба со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со претставници на неколку министерства и со претседателот на ЗЕЛС.

Тошковски смета дека по серијата пожари во дивата депонија, засиленото полициско присуство дало резултати, но, сепак, тоа е на краток рок и дека е потребно институционално решение за дивата депонија.

Од здружението „Стоп за Вардариште“ очекуваат институциите да го спроведат најавеното, а дотогаш протестите ќе продолжат.

Вардариште останува под 24 часовен надзор на полицијата и приватна агенција за обезбедување. Продолжена е забраната и за движење во и околу дивата депонија и најавено е поставување на видеонадзор до крајот на неделата. Засега нема ниту осомничени, ниту обвинети за пожарот во депонијата Дрисла, каде гореше речиси една недела.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Вучиќ од вечерашниот митинг: Ќе бидам претседател уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка

Дејан Дејан

(видео)1.430 загинати најнов биланс на жртвите во земјотресот во Венецуела – пред затворање на 72-часовниот прозорец пронајдено живо бебе

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе