Премиерот во заминување на Франција, Себастијан Лекорну, доби рок од 48 часа од претседателот Емануел Макрон да постигне договор со политичките партии и да спречи продлабочување на кризата што ја предизвика неговата оставка само еден ден по формирањето на владата.
Лекорну изјави дека има надеж за компромис, кој би овозможил усвојување на буџетот за 2026 година и избегнување на нови избори.
Сепак, напорите за дијалог се соочуваат со бојкот од екстремната десница и левица кои не присуствуваат на разговорите и бараат предвремени избори.
Меѓутоа, дел од умерените партии, како социјалистите и зелените, повикуваат на кохабитација – избор на премиер од друга партија што би имал поддршка во Парламентот.
Макрон, чии рејтинзи се на историски најниско ниво, сè уште не ја соопштил својата следна одлука.
Опциите што се разгледуваат се ограничени – нови избори, премиер од опозицијата или негова оставка, иако тој досега упорно тврдеше дека нема намера да се повлече пред крајот на мандатот во 2027 година.
Во обид да се намалат тензиите, поранешната премиерка Елизабет Борн му предложи на Макрон да ја суспендира контроверзната пензиска реформа, услов што умерената левица го поставува за учество во нова влада.
Во меѓувреме, економската ситуација се влошува – растот за 2025 година е проектиран на само 0,8%, а кризата може дополнително да го намали за 0,5 процентни поени.
Б.С.
