Државната изборна комисија (ДИК) нема никакви допирни точки со правилникот за платено политичко рекламирање на АВМУ, потенцираа денеска од комисијата по толкувањата од засегнатите субјекти дека и тие имаат вина за непринципиелното определување на времето и средствата за рекламирање на политичките партии.
Појаснија дека, заедно со АВМУ, ДКСК и ДЗР имаат испратено писмо до собранието во врска со примената на Изборниот законик поврзанo со ова прашање за кое тврдат дека во законот има нејаснотии, но надлежноста не е нивна.
„Ние, согласно закон, немаме никакви надлежности за правилникот на друга институција. Ние се имаме обратено писмено до собранието за евентуални појаснувања и толкувања во врска со примената. Но, измените на законот и евентуални толкувања се работа на собранието“, рече Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Членовите на ДИК денеска го донесоа и стандардното Упатство за гласање во кое стои дека гласањето е лично, избирачите гласаат само еднаш, а ќе се идентификуваат со лична карта или со пасош и ќе бидат проверувани со апаратите за биометриска идентификација со десниот показалец. Ќе можат да гласаат и лица чија важност на документите им истеклa од денот на распишување на изборите до 19 октомври. На гласачките ливчиња ќе се става печат пред да им бидат дадени на гласачите.
Гласањето се врши самостојно, тајно зад параванот со пенкало во сина боја, а потоа ливчињата (по четири за Градот Скопје, по две за другите 80 општини) се ставаат во посебни гласачки кутии. Забрането е групно, семејно или гласање за друг, фотографирање на избирачкото место и носење оружје на гласачкото место.
Доколку гласачот има потреба од помош при гласањето, тоа ќе му биде овозможено, но тој сам треба да ја искаже својата волја.
Акредитирани се уште пет странски и четворица домашни набљудувачи. Тројца побара Амбасадата на Швајцарија, двајца Врховниот изборен совет на Турција и четворица домашната Евротинк.
Рокот за поднесување на барања за набљудување истекува утре. Досега се акредитирани 74 домашни набљудувачи и 110 меѓународни владини и невладини организации.
Далиборка Демјанска Цветановска
Б.С.
