Европскиот систем за безбедност на храна (RASFF – Rapid Alert System for Food and Feed) објави дека е пронајдено високо ниво на пестицидот метомил во црвените пиперки произведени во Македонија.
Во соопштението на европската организација се наведува дека, по контрола на пазарот, во пиперките во Хрватска, увезени од Македонија, е утврдена споменатата штетна супстанца во ниво од 0,049 милиграми метомил по килограм.
Метомилот е карбаматен инсектицид кој е воведен во употреба во далечната 1966 година и познат е по својата висока токсичност и за луѓето и за животните. Дозволената содржина на метомил е 0,01 милиграм на килограм, па бидејќи е откриено ниво пет пати повисоко од тоа, наложено е нивно повлекување од пазарот на Европската Унија.
Инспекцијата е спроведена на 23 септември, а официјално соопштение е објавено на 3 октомври.
С.Д.
