Вести Македонија Топ вести

Националното студентско тело до МОН и УЈП: Бараме да се разграничи поимот „приход“ од „прилив“ за студенскиот оброк

Барање за разграничување на поимот „приход“ од „прилив“ при примената на мерката за субвенциониран студентски оброк, испратило националното студентско тело до Министерството за образование и наука и Управата за јавни приходи.

– Со ова барање се укажува на потребата институциите да направат јасна разлика меѓу реален приход и прилив на средства на студентските сметки со цел да се спречи неправедното одбивање на студенти од користење на оваа мерка, стои во соопштението од Националното студентско тело.

Оттаму наведуваат дека согласно член 9, став 1 од Законот за субвенциониран студентски оброк („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/20, 150/21, 251/22, 91/23, 30/24 и 74/25), корисници на правото на субвенциониран студентски оброк се редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклус на студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во Републиката, државјани на Република Северна Македонија и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.

– Во пракса, при обработка на пријавите за користење на оваа мерка, се појавува проблем во толкувањето и примената на поимот „приход“, бидејќи институциите користат податоци за „приливи“ на средствата на трансакциските сметки на студентите, без да се направи јасно разграничување меѓу овие два поими. Како резултат на тоа, одреден број студенти се одбиваат од користење на оваа мерка затоа што имале приливи (на пример, семејни парични трансфери, уплати за кирија, студентски надоместоци или други нефискални средства), кои не претставуваат реален приход во смисла на остварен приход по основ на работа, договор или деловна активност, се вели во барањето.

Националното студентско тело во барањето наведува примери од праксата и се осврнува на правната и фискалната аргументација.

– Националното студентско тело бара од Управата за јавни приходи (УЈП) при доставување на податоци до Министерството за образование и наука да врши разграничување на приходите од приливите, односно: да ги евидентира и испраќа само оние средства кои се остварени под шифри на доход што претставуваат реален приход, како што се: плата, хонорар, самостојна дејност и други облици на остварен приход, а не и податоци за приливи по други основи, кои претставуваат нефискални трансакции или парични трансфери меѓу физички лица, се наведува во барањето. 

Во поднесеното барање апелираат Министерството за образование и наука при обработка на пријавите за субвенциониран студентски оброк да ја зема предвид оваа разлика и да ја усогласи методологијата за проверка на примањата со реалната дефиниција на поимот „приход“ од Законот.

Ова барање има за цел да обезбеди еднаква и правична примена на Законот, со што нема да се дискриминираат студенти кои не остваруваат реален приход, туку добиваат семејна или нефискална финансиска поддршка, се вели во соопштението од Националното студентско тело.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мајка од струшко ги оставала своите две малолетни деца да спијат во возилото додека била на работа

Дејан Дејан

Врачување на највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата на манифестацијата „Мостови“

Дејан Дејан

Муцунски на Дубровник форум: Со новата легитимна влада во Софија постои можност за разговор за отворените прашања

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе