Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во својот есенски извештај ги ревидираше проекциите за македонската економија, предвидувајќи раст на БДП од 3% во 2025 и 2026 година. Ова претставува зголемување од 0,4, односно 0,3 процентни поени во споредба со мајската прогноза, како резултат на посилни економски перформанси од очекуваните во првата половина од 2025 година.
Растот во првите два квартала беше поддржан од градежништвото, трговијата и зголемените инвестиции во инфраструктурата, особено во изградбата на автопатски делници на паневропските коридори 8 и 10. Зголемувањето на реалните плати, ублажената инфлација и владините трансфери ја поттикнаа потрошувачката, додека извозот се опорави по минатогодишниот пад, се вели во извештајот.
Сепак, ЕБОР предупредува на пораст на дефицитот на тековната сметка и инфлацијата која во јули достигна 4,8%, а во август се намали на 4,4%. Банката очекува домашната побарувачка и јавните инвестиции да бидат клучни двигатели на растот. Во споредба со другите земји од Западен Балкан, Македонија има солиден раст, но зад Косово и Албанија кои годинава се предводници во регионот.
