Целосниот проект за реконструкција на споменикот Мекедониум над Крушево, кој е симбол на македонската борба за слобода, ќе биде готов до средината на идната година. Ова денеска го кажа министерот за култура и туризам Зоран Љутков, при посетата на споменикот заедно со директорката на Заводот и музеј од Прилеп, Мимоза Христоска. Според Љутков, Министерството за култура и туризам, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, уште минатата година извршиле теренски увид и подготвиле проект за интервентна заштита на споменикот, во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација треба да започне во текот на оваа година.
- Паралелно, заедно со директорката на НУ Завод и Музеј – Прилеп, Мимоза Ристеска, уште минатата година направивме план за изработка на целосен проект за реконструкција на „Македониумот“. Во моментов се работи на сеопфатна документација за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс. Очекуваме проектот да биде завршен до средината на 2026 година, рече Љутков.
По финализирање на проектот и добивање на сите потребни дозволи, ќе започне реализацијата на овој капитален проект. Министерството за култура и туризам, врз основа на пресметката, во текот на следната година ќе ја утврди динамиката и моделот на финансирање за целосната реконструкција, кажа министерот.
Тој потсети дека реконструкцијата на овој споменик на културата започнала уште во 2014 година, кога биле реализирани повеќе активности, меѓу кои : Санација на потпорните ѕидови, обнова на фасадите, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, наместо да се продолжи со завршување на проектот, во 2017 година тогашната влада одлучила да го симне скелето и да ги прекине сите активности, оставајќи го објектот незаштитен. На тоа бевме сведоци сите – особено граѓаните на Крушево, а последиците од таа негрижа се очигледни и денес, кажа министерот.
Автори на споменикот Македониум се брачниот пар уметници , Јордан Грабулоски и Искра Грабул. Споменикот беше откриен на 2 Август 1974 година.
