Позната битолска очна докторка денеска е уапсена на своето работно место во Клиничката болница во Битола, откако од пациент примила пари за лекарска услуга. Настанот е потврден од полицијата, а од Обвинителството најавуваат повеќе информации за утре.
- „Денеска полициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола, во координација со Јавното обвинителство Битола, ја лишија од слобода И.Д. (67) од Битола, вработена во Клиничката болница Битола, поради сомнение за сторено кривично дело – примање поткуп. Се преземаат мерки за целосно расветлување на случајот и поднесување кривична пријава“, соопштија од СВР Битола.
Министерството за здравство преку соопштение ја осуди корупцијата во здравствениот систем и информираше дека веднаш е иницирана постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на лекарката. Од таму ги охрабруваат граѓаните да продолжат да пријавуваат неправилности преку веб алатката „Пријави неправилност“.

И од Клиничката болница Битола изразија загриженост бидејќи ова е втор ваков случај од почетокот на годинава.
- „И во овој случај, во согласност со Министерството за здравство, итно е спроведена постапка за суспензија на осомничената лекарка сѐ додека трае истражната постапка, согласно важечките законски прописи“, наведуваат од Клиничка болница Битола.
Во јануари годинава, хирург од Клиничка болница беше фатен со обележани 150 евра, кои ги примил од роднина на пациент врз кого извршил хируршка интервенција. Тој веднаш беше разрешен од раководната позиција во Хируршкото одделение и суспендиран од работа,а во март беше условно осуден, откако признал вина.
Емилија Мисирлиевски
