Спорт Фудбал

Македонија против Велс: Клучен дуел во мундијалските квалификации

Македонската фудбалска репрезентација вечерва на арената „Тодор Проески“ во Скопје го пречекува Велс во рамки на 2.коло од квалификациите за Светското првенство во 2026 година. Нашиот тим ќе се обиде да ја продолжи одличната форма против еден сериозен ривал, кој има големи амбиции во овие квалификации. 

Избраниците на селекторот Благоја Милевски ги започнаа квалификациите со стил – убедливи 0-3 на гостувањето кај Лихтенштајн. Тоа беше шеста победа по ред за Македонија без примен гол и продолжение на доминантниот настап во Лигата на нации минатата година, каде завршивме на првото место во групата со пет победи и едно реми, обезбедувајќи промоција во Б-дивизијата. Очекувањата се јасни – продолжување на победничкиот ритам и освојување на нови три бода.

Велшаните исто така имаа успешен старт, совладувајќи го Казахстан со 3-1 на домашен терен. Оваа селекција доаѓа во Скопје со самодоверба, особено по одличните настапи во Лигата на нации во Б-дивизијата, каде завршија како првопласирани во својата група во конкуренција на Турција, Исланд и Црна Гора, без пораз (три победи и три ремија). Велс е дисциплинирана и цврста екипа, па Македонија ќе мора да одигра на високо ниво за да стигне до триумф.

Ова ќе биде трет официјален натпревар меѓу Македонија и Велс. Во квалификациите за СП 2014, Македонија славеше со 2-1 во Скопје (стрелци беа Иван Тричковски и Александар Трајковски), додека Велшаните возвратија со минимална победа од 1-0 во Кардиф. Тоа значи дека вечерва ќе имаме можност да го свртиме меѓуебниот биланс во наша корист.

Победа на Македонија значително ќе ги зголеми шансите за освојување на второто место во групата Ј, каде Белгија важи за главен фаворит за директен пласман на Мундијалот. Три бода против Велс би значеле огромен чекор напред во битката за пласман во баражот.

Во јавноста владее огромен интерес за натпреварот, а билетите се продаваат со голема брзина. Според Фудбалската федерација на Македонија, билетарницата на стадионот ќе биде отворена до 18 часот. Посебна вредност има и одлуката на ФФМ – сите приходи од продажбата на билетите ќе бидат донирани за семејствата на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

ФОТО: Игор Паневски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мајами и Мемфис се последните учесници во плеј-офот во НБА (ВИДЕО)

Дејан Дејан

ФОТО галерија: Вардар и Црвена Звезда играа за Кочани, полни трибини на хуманитарниот натпревар

Дејан Дејан

ФОТО: Легендите на Вардар и Црвена Звезда беа дел од хуманитарниот натпревар на Градски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе