Македонската фудбалска репрезентација со победа ги отвори квалификациите за Светското првенство 2026 откако славеше со 0-3 на гостувањето кај Лихтенштајн. За нашиот тим ова е шеста победа по ред, сметајќи ги и натпреварите во Лигата на нации од минатата година.
Нашиот тим одлично го почна натпреварот откако уште во седмата минута го отвори резултатот преку Александар Трајковски, кој погоди по асистенција на Бојан Миовски. Македонија пред крајот на првото полувреме зголеми на 0-2 со одличниот гол на Висар Муслиу по еден корнер во 42-та минута. Точка на победата стави Бојан Миовски во 84-тата минута.
Пред натпреварот имаше минута молчење во чест на трагедијата што се случи минатата недела во дискотеката Пулс во Кочани. Во 59-тата минута македонските навивачи на стадионот во Вадуц скандираа „Кочани! Кочани! Кочани!“, во сеќавање на 59-те жртви, кои го загубија животот во стравичниот пожар.
Во рамки на второто коло во мундијалските квалификации, Македонија во вторник го пречекува Велс на арената „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20:45 часот.
ФОТО: ФФМ