Дали ќе има ограничување на маржи или не, што точно договорија трговците, дистрибутерите и владата на двочасовната средба никој не знае. Иако, беше соопштено дека по средбата претставници од ланецот на трговија ќе информираат што е договорено, никој од присутните не застанаа пред камерите. Соопштение за средбата нема ниту од владините служби.
Неофицијално состанокот не поминал најдобро и најверојатно утре ќе има нова средба со министерот за економија Дурмиши.
Инаку, денеска на владина седница требаше да се разгледа и донесе одлуката за замрзнување на маржите на 10 отсто за дел од производите, но трговците побараа итна средба. Па, седницата се откажа, а се одржа состанокот со дистрибутерите и трговците.
Претходно пак, членки на новоформираната Стопанска комора на трговија на мало и големо се пожалија дека ако се воведе мерката ќе бидат принудени да отпуштаат работници, а некој дури и да затворат.
Пред неколку дена Владата на седница го задолжи министерството за економија да подготви одлука за ограничување на маржите на 10 отсто на дел од производите. Всушност станува збор на враќање на есенската кошничка која беше воведена минатата година во која на над 70 производи им се ограничија маржите. Разликата сега е во тоа што со оваа одлука ќе бидат опфатени и детергенти, прашоци, хигиенските влошки, пелените, храната за бебиња.
За ваквата одлука познавачите сметаат дека ефектите ќе бидат краткорочни- само додека трае мерката.
-Останувам на ставот дека ваквата форма на замрзнување на мерки, треба да биде напуштена и да се бара решението во други форми па меѓу другото и она што ДПИ го идентификувале на терен тој патот каде што механизмот треба да функционира а тоа е да се применува законот и треба да се санкционира, изјави во Топ Тема, Благица Петрески од Фајнанс Тинк.
Ваквата мерка за намалување на цените ја практикуваше и претходната влада. Беше критикувана од дел од експертите, бизнисот, но често и од ВМРО ДПМНЕ кој тогаш беа опозиција.
Очекувањата пак сега на премиерот Мицкоски се дека со тоа значително ќе се намалат цените. Се одлучи да се оди на ваков чекор откако ги добија анализите од пазарна со кои е утврдено дека од увоз до рафт маржите на некои производи одат и до 70 отсто.
Проблемите со цените се провлекуваат веќе подолго време. Граѓаните дури одлучија да одат на бојкот.
И додека се чека извештајот на статистичарите за новата бројка за инфлацијата, ССМ пресмета дека на едно четиричлено семејство му се потребни над 1000 евра да го истурка месецот. Пресметката на кошничката за Мицкоски е спорна и бара нов начин на анализа, со образложение дека во нејзе има чудни производи.
Ирена Чачкова