Вести Економија Најважни

Сите маркети на веб страниците да ги објават производите со цени – премиeрот Мицкоски со предлог мерка против скапотијата

Трговците да имаат своја веб страница каде ќе ги објавуваат цените на сите свои производи. Ова е само една мерка која премиерот Мицкоски кажа дека ќе ја предложи на седница, откако ќе се разгледаат анализите за цените од пазарниот инспекторат. Но, не објасни како таа ќе помогне да се ублажи скапотијата, со оглед на тоа што маркетите веќе долго време имаат свои страници каде редовно објавуваат цени и акции.

„Сите ланци на овие супермаркети да имаат јавна веб страница, транспарентна, на сите производи да може граѓаните да видат до каде се цените, кој се цените и да ги следиме и ние и да направиме некаков хистограм на движење на тие цени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од Пазарен соопштија дека од анализата може да се види дека од увоз до рафт во маркет, маржата на некои производи достигнува дури и 70 отсто, а дали и какви мерки би се донеле оставаат на владата. Бизнисот, пак, проблемот за цените го гледа кај царините.

Премиерот смета и дека треба да има измени во пресметката на кошничката. Кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција на неа гледаше како на сериозен индикатор за осиромашување на граѓаните. Сега Мицкоски вели дека некој производи таму се чудни. Професорот Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, праша зошто кошничката се пресметува за просечно четиричлено семејство, кога резултатите од пописот од 2021 покажуваат дека домаќинствата во земјава во просек се тричлени. Објавите на страната на ВМРО-ДПМНЕ, пак, покажуваат дека и покрај тоа што резултатите биле познати, партијата често ја користела кошничката како аргумент дека тогаш власта ги осиромашува граѓаните.

Мицкоски вели методологијата е променета во 2023 година и тие досега немале увид во неа.

„Кога ќе забележите внатре кои производи се вклучени, тогаш навистина се збунувате. Збунувачки делува, бидејќи дел од производите навистина граѓаните не ги користат или не ги користат во тој обем. Јас не знам колкава ќе биде реалната потрошувачка кошница“, изјави Мицкоски.

Од ССМ, пак, тврдат дека промена во методологијата има, но не во листата на производи. И претходно имало цреши, кајсии, нескафе.

Ирена Чачкова 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Експертско предупредување за креми за изгореници кои се продаваат на интернет- кочанската болница има услови за третман на повредените во пожарот, но нема кадар и материјали

Дејан Дејан

Тумановски: Секоја брза правда носи и голем број на недостатоци

Дејан Дејан

Промовирана првата директна авиолинија на Туркиш Ерлајнс, Истанбул – Охрид 

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе