За 5 проценти поскапува парното во Скопје. Од РКЕ велат дека главните причини за ова се зголемување на цената на гасот и тоа што ТЕ-ТО не испорачувал 60 отсто од потребите како што се очекувало и за сметка на тоа се зголемило учеството на топлина од другите топлани која е поскапа од онаа на ТЕ-ТО. Нова цена, пак, за приклучените на ЕСМ Енергетика и Скопје Север ќе се носи во текот на февруари.
„Се на се, едно просечно домаќинство во градот Скопје кое што некаде имаше месечен трошок од 2.100 денари, сега тој месечен трошок ќе изнесува 2.200 денари. Значи имаме зголемување на месечниот трошок за 100 денари“, изјави претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Со стартот на грејната сезона, ЕСМ набави гас за период од три месеци, сега се склучуваат месечни договори. За јануари се договорија количини од странски снабдувач по цена од, речиси, 65 евра. Според пресметките, пак, на домашниот пазар цената по која го давале трговците се движела околу 50 евра за мегават час.
Од Регулаторна велат дека прогнозите за цената на гас не се најдобри. Ако има потреба ќе дадат предлог до Владата да се најде начин како да се ублажи ценовниот шок.
„Ако има понатамошно зголемување на цените на природен гас, еден од предлозите на РКЕ ќе биде ќе биде во таа насока за да избегнеме ценовни шокови во однос на топлинската енергија“, додава Бислимовски.
До нив пристигнале и поплаки од граѓани, па затоа побарале од ЕСМ да ја подобрат испораката.
ЕСМ го презеде менаџирањето на парното од БЕГ за време на енергетската криза, кога тогашната компанија имаше финансиски потешкотии. За таа цел формираше три фирми кои оваа дејност ја работат со значително поголем број на вработени од БЕГ, односно со над 450 работници.
Претседателот на РКЕ, Бислимовски вели дека трошоците за вработувањата не ги признава, а доколку имаат потреба од толку вработени ќе паднат на товар на компанијата, не на потрошувачите. Инаку, сите три фирми за парно на ЕСМ се на листа на должници. Градско парно користат над 60.000 домаќинства.
Ирена Чачкова