Вести Економија Македонија Топ вести

Сивата економија „јаде“ по еден унгарски кредит годишно

Ако сивата економија во Македонија се намали до ниво на просекот во ЕУ, во државниот буџет ќе се слева уште еден цел унгарски кредит годишно.

Според проценките, околу една третина од економијата и 13 отсто од вработените во земјава отпаѓаат на сивата економија.

Стопанските комори негодуваат зашто тие што не плаќаат давачки им се нелојална конкуренција на тие што плаќаат, Синдикатите бараат прекинување на праксата за „плата во плик“ зашто на работниците така им се ускратува социјалното и пензиско осигурување, а владите постојано најавуваат жестока борба против таканаречениот неформалниот сектор. Неформалната економија се намалува во изминатите 20-тина години, но е многу повисока од европскиот просек.

Услужни дејности што се плаќаат на рака, неиздавање фискални сметки од регистрирани продавници, интернет трговија, непријавени работници, плата во плико, се најчестите облици на сива економија.

Професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје е дел од тимот кој работи на 20-годишната Национална стратегија за развој, во која еден од клучните елементи за придонесување на раст на економијата е намалување на сивата економија. Ги истражува причините и ефектите од неформалната економија.

Нискиот стандард, големата невработеност и општествената прифатливост се едни од главните причини за високата сива економија.

„Треба да се подобри моралот, односно желбата да се плаќаат даноците, да се влезе во формалниот сектор, а тоа се постигнува преку зголемување на довербата, транспарентноста, отчетноста во институциите, казнивоста. На тој начин влијаете на подобрување на институциите, инспекциите и системот, од друга страна ги мотивирате луѓето да влезат во формалниот сектор, зашто дел се по нивна желба во неформалниот сектор, а дел се принудени да бидат во неформалниот сектор и тоа мора да оди системски и внимателно. Значи, прво следење и мерење на сивата економија, закони, подобрување на деловно опкружување. Кога велиме деловно опкружување значи каде функционираат бизнисите, да им се помогне, да се намалат парафискални давачки, да се олесни системот за влез во формалниот сектор, да се подобри конкуренцијата, политизацијата. Значи едното е следењето и мерењето, второ е законите, деловното опкружување, инспекциите и од другата страна ни се моралот, транспарентноста, отчетноста и довербата во институциите да се плаќаат даноци“, вели Треновски.

Како еден од главните предизвици со кои се соочува стопанството, сивата економија ја посочи и Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Сивата економија е на ниво од над 35 отсто од БДП, а според различни извори достигнува до 39 отсто. Во најдоброто сценарио на анализите на Стопанската комора, тоа годишно ја чини државата над 700 милиони евра, додека во најлошо сценарио ја надминува вредноста од 1,7 милијарди евра како потенцијални загуби на буџетски приходи“, изјави Менди Ќура од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Според податоците на Државниот завод за статистика, од вкупно околу 700 илјади вработени, скоро 90 илјади се неформално вработени.

Според анализата на Фајнанс тинк, толку голем проблем не се непријавените работници, затоа што тоа се најчесто неплатени семејни работници, туку „платата во плико“, односно работници што формално се пријавени, но не ја добиваат целата плата на сметка, и така плаќаат помалку давачки.

Според ланската анализата на Стопанската комора на Македонија, сивата економија во Македонија е над 33 отсто од вкупната економија во земјава, додека просекот во Европската унија е под 20 отсто. Од сивата економија, буџетот во 2022 загубил околу 1,3 милијарди евра. Со оглед на тоа што не може целосно да се искорени, ако барем се доведе до просекот во ЕУ, тоа би значеле дополнителни буџетски приходи од 450 милиони евра секоја година, скоро колку што беше унгарскиот кредит.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бизнис секторот бара Уставен да го поништи солидарниот данок и парите да им се вратат на компаниите

Дејан Дејан

Лиценците во детската заштита ќе се издаваат на македонски јазик – ако некој побара, ќе добие и на албански

Дејан Дејан

Советот на јавни обвинители без препораки, задолженија или најави за разрешувања во собраниската комисијата за политички систем

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе