Не чекајте, искористете го моментот, прозорците на геополитиката нема да останат засекогаш отворени. Ова денеска од конференција на Националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија го порача, Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој притоа рече дека Македонија треба да го препознае моментот на итност.
- „Нема да ви кажам ништо ново кога ќе речам дека компромисите и отстапките коишто се бараат за пристапување во ЕУ или во вашиот случај за отпочнување на преговорите не се чинат секогаш правични, но нема корист за Северна Македонија, ако чекате. Би рекол да не ја испуштите оваа можност и да не ризикувате да останете запоставени. Затоашто можностите се овде сега, но може да се загубат и ова треба да биде прашање на итност за вас“, рече Лајчак.
Според Лајчак Европската унија не е совршена, и Македонија, како што рече, има право да биде фрустрирана, но напомена дека поради геостратешките случувања, проширувањето сега е приоритете на Европската унија и тоа мора да се искористи. Според Лајчак Македонија не треба да ја повтори грешката од минатото.
- „Геополитиката создаде нови можности за проширувањето на ЕУ, но какошто знаеме од искуството овие прозорци не остануваат отворени засекогаш. Посакувам да не искусиме потсетување на ситуацијата од 2008 година кога беше на досег решение за прашањето со името, а подоцна продолжувањето на преговорите станаа се потешки за вашата земја. И мојот совет за вас е да не ги повторувате грешките од минатото, сега е можноста да ја искористите“, рече Лајчак.
Според Лајчак, во земјава е време за визија, храброст и лидерство и ставање на националните интереси и единството пред интересите на која и да е политичка партија, додека во Европската унија, како што рече, постои консензус дека нема време за чекање.
На конференцијата во Собранието на која говореше Лајчак, меѓу другите учествуваа и собранискиот спикер, Африм Гаши, потпретседател на Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски како и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
Тамара Грнчаровска