Додека бугарските здруженија закажуваат, па откажуваат протести и најави за блокирање на македонско-бугарските гранични премини, а политичката реторика периодично добива и губи на интензитет, секојдневието на граѓаните од двете страни на границата продолжува со вообичаената динамика. Познато е дека жителите на Струмица и Ново Село често патуваат во блиските бугарски градови за пазарење и бањски туризам, додека нивните соседи од Бугарија редовно доаѓаат на пазарните денови во четврток и сабота, но и во текот на неделата за посета на локалните ресторани и угостителски објекти.
Ова особено се забележува во пограничните населени места како Ново Коњарево, каде од балконите и дворовите може да се видат куќите, нивите и секојдневниот живот на луѓето од другата страна на границата.
Ново Коњарево е село на самата граница со Република Бугарија. Иако во последните децении голем број жители се иселија во западноевропските држави, оние кои останаа да живеат тука сведочат дека соседите од државата секојдневно ги псоетуваат своите блиски овде, пријатели, роднини или доаѓаат да се прошетат, да пазарат .
Тука се и долгогодишните пријателства, деловни соработки и роднински врски. Жителите на Ново Коњарево велат дека меѓусебната почит и комуникација меѓу обичните граѓани постојат со години и дека во секојдневниот живот ретко се чувствуваат последиците од политичките несогласувања.
„Меѓу обичните луѓе има одлична комуникација. Тоа го прават политичарите и тоа во последно време. Инаку јас сум бил многу пати во соседни села во Бугарија и како млад и сега и немам проблем со никој. Дури на таа тема воопшто и не станало збор за национализам, за патриотизам или за Бугари и Македонци“, вели Трендафил Златинов –жител на Ново Коњарево
„Идат овде во продавницата многу луѓе од Бугарија кои пазарат овде, како гости не доаѓаат. Порано имавме и роднини и доаѓаа, сега нема многу“ , вели Стојанка Вражева
Соговорниците сметаат дека, и покрај промените во политичките односи меѓу двете држави, меѓучовечките врски тешко се менуваат, бидејќи луѓето од двете страни на границата остануваат зависни едни од други. Пограничниот регион и натаму останува простор во кој секојдневните контакти, економската соработка и личните врски продолжуваат да функционираат независно од актуелните политички случувања.
Сузана Мицева
