Во Градскиот парк започна изведбата на сценската кантата „ Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф. Во изведбата учествуваат Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун. Изведбата ја диригира Најден Тодоров од Бугарија, кој го иницираше овој проект , како гест на културна соработка во регионот. Во изведбата се вклучени и хорот на Македонската опера и балет, детскиот хор Пиколо и хорот од Музичкото училиште во Солун, како и тројца солисти: Нашиот сопран Ана Дурловски, баритонот од Бугарија , Иво Јорданов и контратенорот од Грција, Николас Спанос. По ланските изведби во Софија и Солун, вечерва Македононската филхармонија е домаќин на изведбата на „ Кармина Бурана“, која, како што вели маестро Тодоров не е крај на соработката меѓу трите оркестри, туку почеток на долга соработка.
„ Кармина Бурана“, тоа не е крајот. Тоа е почеток на една многу долга работа што ќе продолжи меѓу нашите оркестри, меѓу нашите култури. И се надеваме , со тек на време да работиме комбинирано не само меѓу нашите три земји, туку и со останатите земји на Балканот“, рече Најден Тодоров- диригент и директор на Софиската филхармонија
„Дојде редот на нас да го направиме овој настан. И еве сме трите филхармонии заедно. Значи ова, можам да кажам, дека се најдобрите настани кои што се случуваат, особено за уметниците, за нивната соработка. Значи тоа е културата, уметноста не сплотува и токму тоа е причината, зошто се прават вакви концерти“, рече Мустафа Имери- директор на Македонската филхармонија
„Силно чувство е за нас затоа што веќе стекнавме пријатели меѓу колегите од другите оркестри. Се разбира, музиката е најлесниот јазик за зближување на луѓето. Тоа е многу силна порака од нашиот и мислам и од сите оркестри, колеги. Ние сакаме да коегзистираме во мир , ние сакаме да работиме заедно , ние сакаме да бидеме продуктивни и да се запознаеме едни со други“, рече Антонис Сусамоглу- концерт мајстор на Државниот симфониски оркестар од Солун.
Сотир Трајков
