Синдикатите и натаму остануваат на барањето за зголемување на минималната плата на 450 евра за да се подобри животниот стандард на граѓаните, за да се изедначат платите со регионалните минимални приходи кои растат и да се спречи одливот на работна сила во западна Европа. Претседателот на ССМ Трендафилов вели дека на наредниот Социјално економски совет на владата, пред Нова Година ќе ги презентираат аргументите за своето барање.
Законски измената на минималната плата се носат во март, а според проценките, тоа зголемување догодина би било меѓу 1.600 и 1.800 денари. Министерот за економија Дурмиши вели дека се предвидени средства за зголемување на минималната плата за околу 2.000 денари. На тој начин, максимален износ на минималната плата би бил околу 24.500 денари или нешто помалку од 400 евра (22.567 актуелна минимална плата + 2.000 денари максимално покачување во март).
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека неговите желби се уште повисоки, но се зависи од преговорите и можностите.
-Јас сакам минималната плата да биде и 600 евра. Реално да кажеме, барањето е 450, јас сакам да биде 600 евра. Но, да ги видиме сите засегнати страни, да се отвори темата во првите денови на декември. Ќе ги чуеме сите засегнати страни, ќе ги видиме и можностите на Владата дали се предвидени толку средства и дали има можност. Ќе ги видиме и барањата на работодавачите оти и тие се засегнати страни од ова барање и на крај ќе донесеме заедничка одлука, изјави денеска Дурмиши.
