Банкарите без официјален став, по најавата од Владата дека од буџет ќе се покрива каматата за кредитите на фирмите кои ќе аплицираат за унгарските пари. Иако, од Владата потврдија дека пред две недели на состанок ова било договорено со банкарите, од банкарската асоцијација за Телма велат дека се уште немаат добиено информација за условите за пласирање на унгарските пари во стопанството. Нема точна бројка ниту за тоа колку би изнесувала провизијата која банкарите ја наплаќаат при одобрување на кредитите. Според, некои информации би се движела некаде од 1 до 2 отсто.
Минатата недела пак министерката за финансии Кочоска рече дека каматата за фирмите кои ќе аплицираат за кредити од унгарските пари ќе се покрие од буџетот, кој го полнат и граѓаните, но дека се уште преговараат со банките околу рокот за враќање на заемот.
И додека да се расчисти дилемата кој ќе ја враќа каматата, но и банкарските трошоци за оние кои ќе аплицираат за парите, првиот човек на најголемата комора во земјава Азески апелира, итно да се вбризгаат свежи пари во стопанството.
Експертите пак кои ги контактиравме сметаат дека во услови кога државата одлучува со пари од буџетот да ги поркива трошоците за кредитите за компаниите, треба јасно да објасни што точно од сето тоа добиваат граѓаните.
Но, кој што ќе добие ако враќањето на кредитот на фирмите падне на товар на буџетот? Тоа значи дека граѓаните ќе учествуваат во покривањето на трошоците за заемот на бизнисот, кредитниот ризик ќе го субвенционира државата, а стопанството ќе добие кредити по исклучително поволни услови.
Од кредитот од Унгарија 250 милиони одат за општините, другите 250 милиони евра се за бизнисот. Кон Унгарија државата треба да го врати заемот со камата од 3,25 отсто. По истата камата Владата вети дека ќе ги пласира овие пари и кај фирмите.
Ирена Чачкова
