Ќе успее ли Владата да се договори со банките да ги пласираат унгарските пари кај бизнисот. Според, информации од банкарскиот сектор кредитната маржа, односно надоместокот кој треба да го добијат банките за сработеното, но и кој ќе го покрие овој трошок се работите поради кои сè уште траат преговорите.
Пред десетина дена тие имале средба со министерката за финансии. Се бара начин како од една страна банките да си го добијат своето, а од друга страна условите за фирмите за овие пари да останат исти.
Една опција е компанијата која ќе подигне кредит да си ја плати давачката – надоместокот за банката. Но, така трошокот на фирмата за кредитот од унгарските пари ќе се зголеми, каматата би била нешто повисока од 3,25 отсто. Со тоа ќе дојде до промена на условите кои веќе подолго време се споменуваат и поради кои овие пари се поповолно од она што се нуди на пазарите.
Ако не се направат измени во процентите, во тој случај на банките нема да им се исплати да ја преземат работата со унгарските пари. Кога тие пласираат кредити, за услугата треба да им се плати. Создаваат оперативни трошоци кои ги покрива клиентот. Според, објаснувањата на банкарите, на тој начин тие се штитат и од ризик ако евентуално една од фирмите се соочи со потешкотии да го враќа заемот.
Но, премиерот Мицкоски пред неколку дена кажа дека и условите за бизнисот нема да се променат. Каматата останува 3,25 отсто.
Поради тоа во кругот на банкарскиот сектор се споменува и уште една опција – унгарските пари во вид на кредити кај компаниите да се пласираат преку комерцијалните банки, но државата да ја плаќа каматата за нив.
На овој начин банките ќе го обезбедат кредитниот ризик, а нема да дојде до променат на условите за заемот. Но, во тој случај се отвара уште едно прашање со кои пари ќе се покрива каматата – дали од буџетот кој го полнат и граѓаните или од други извори.
Останува да се види каков договор ќе падне. Банкарите кои ги контактиравме, но и премиерот Мицкоски, се оптимисти дека наскоро ќе има решение.
Од унгарскиот кредит од 500 милиони евра кај бизнисот одат 250 милиони, останатите 250 се за општините. Средствата се легнати на домашната сметка. За општините процесот е почнат, но кај делот за стопанството работата се закочи.
Ирена Чачкова
