Повторно високо проектирани капитални инвестиции од околу 800 милиони евра се предвидуваат и во новиот буџет за идната година. Дефицит пак се планира да биде 4 отсто од БДП – односно од сегашните 720 милиони, во 2025 очекувањата се дека ќе падне на 680 милиони евра.
Ова се само мал дел од бројките кои се споменуваат за новиот буџет. Сите ставки денеска на владина седница ќе ги разгледуваат премиерот и министрите.
-Капиталните инвестиции се некаде на ниво од 50 милијарди денари во кои што 32 милијарди се од основниот буџет, некои 18 милијарди од заеми и од програми кои се тековни. Буџетскиот дефицит мислам дека е околу 41 или 42 милијарди денари, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Генерално при секое креирање на државата каса, капиталните инвестиции високо се проектираат, а потоа тешко се реализираат, па кога треба да се скрати тоа се прави токму од капиталните.
Дека тешко оди спроведувањето може да се види и од најновите податоци од финансии кои покажуваат дека заклучно со третиот квартал годинава не се реализирани ниту половина од планираните проекти.
Токму за ова коментираа и дел од експертите. Сметаат дека конечно треба да се утврди зошто постојано се случува тоа.
-Капиталните инвестиции не ги спомнавме тоа е уште една болка на која мораме да работиме. Конечно треба да отвориме зошто не се реализираат, каде лежи одговорноста, кои инвестиции еве немаме ние програма за капитални инвестиции. Од каде знаеме дека овие четири се најприоритетните капитални инвестиции во нашата држава, дајте да ги отвориме дискусиите, да ги видиме анализите. Порано постоеше таа пред 10, па и пред 15 години, програма за капитални инвестиции за да видиме следните пет години кои се нашите приоритети. Вака ние се уште одиме врз основа на изворите, врз основа на некои наши информации што ги имаме, објансува универзитетскиот професор Борче Треновски.
Сметаат и дека земјава е зрела за нова даночна реформа- или да се воведат нови, или да се зголемат постоечките днаоци, но и дека е потребно кратење кај министерствата.
За сега се знае дека во новата каса ќе има пари за повисоки пензии и за плати во образование и здравство, но неизвесно е дали ќе има за повисок минималец, нешто што синдикатите го бараат подолго време.
Министерката Кочоска пак тврди дека буџетот ќе биде развоен, очекува идната година земјава да генерира економски раст од 3, 5 отсто, наспроти проекциите на Светска банка од поскромни 2, 5 проценти. Јавниот долг пак се очекува да биде 64 отсто од БДП.
Ирена Чачкова
