И новото раководство на Државните електрани во наредниот период ќе увезува јаглен за потребите на РЕК Битола од истите фирми како и досега, но велат со подобри услови. Соопштија дека причина за тоа е хаосот и исклучително тешката состојба која ја наследиле во рудникот Суводол во РЕК Битола. Во изминатите пет години, експлоатацијата не сe одвивала согласно проектната документацијата, нема доволни количини на јаглен, а резервите на депонија се со исклучително лош квалитет. За зимава од рудниците во Комбинатот ќе се обезбеди речиси половина од потребната колична, а остатокот на јаглен ќе се увезува од Грција.
„Со еден упростен проект до 15 ноември ќе обезбедиме еден милион тони јаглен што ќе обезбеди стабилна работа на електраните во зимскиот регион, заедно со дел увезен јаглен кој ќе биде со одличен квалитет. Сметам дека успешно ќе ја минеме зимската сезона“, рече Зоран Коњановски, директор за производство во АД ЕСМ.
Менаџментот тврди дека и термоелектраните се во лоша состојба, затоа што претходното раководство не ги подготви сите капацитети за грејната сезона. Поради ова, зимава, најголемиот производител на струја, РЕК Битола ќе работи само со два блока. На третиот не е спроведен ремонт и нема да биде во погон, а се прават напори РЕК Осломеј да се вклучи на мрежа.
„Планираме блокот 1 да го конзервираме, да служи како ладна резерва, а во текот на сезоната да работиме со два блока. Доколку во текот на сезоната обезбедиме поголема количина на јаглен, во декември и јануари ќе биде вклучуван и третиот блок“, вели Коњановски.
Дека државните електрани се во исклучително тешка состојба, со долг од 80 милиони евра, денеска кажа и премиерот Мицкоски, кој рече дека 25 милиони се долг за увезен јаглен, а над 30 милиони евра за ископ.
„Прво што се презеде е да се обезбеди попуст на долговите и мислам дека ќе бидат намалени долговите за пет милијарди денари. За да се обезбеди нормално функционирање, ќе ни треба дотур и ископ на јаглен. Се прави реорганизација на компанијата и тоа веќе функционира“, вели Христијан Мицкоски, премиер.
Од ЕСМ најавија дека за сите неправилности, недомаќинското работење, сомнителни зделки и набавки, ќе бидат поднесени кривични пријави и покренати дисциплински постапки.
Емилија Мисирлиевски
