Четириесет тимови составени од 120 инспектори се на терен и проверуваат дали се почитува мерката за ограничена маржа, со која се намалуваат цените на повеќе од 70 основни прехранбени продукти. Директорот на Државниот пазарен инспекторат истакна дека нема да има толеранција за никој, апелираше до сите да ја почитуваат мерката. Во спротивно ќе следуваат казни од 2 до 10 илјади евра, а може да дојде и до затворање на објекти.
Толеранција нема да има за никој, а Државниот пазарен инспекторат постапува според Законот за трговија каде што има високи казни од 2 до 10 илјади евра, а доколку се утврди дека некој применува нечесни трговски практики ќе постапуваме по Законот за потрошувачи каде имаме можност за затворање, изјави Горан Трајковски, директор на Државен пазарен инспекторат.
Телма беше на терен и забележа поевтинување на некои производи од само еден денар. Со владината мерка за намалување на маржите, во маркетите дел од производите незначително поевтинија.
Така на пример, цената на некои видови леб и брашно се намали за само еден денар. Поевтинување од три денари има кај одреден тип на шеќер. Цената во некои маркети на јаболкото ајдарет пак се намали за 5 денари. Малку поголемо поевтинување од 28 денари е забележано кај некои видови кашкавал, но и кај сирењето.
Граѓаните сведочат дека нема ознаки за намалени цени на производи ниту пак забележале некое поевтинување освен редовните акциски цени.
Одлуката за ограничена маржа на производите од есенската потрошувачка кошничка во понеделникот беше објавена во Службен весник, а од вторникот стапи на сила. Мерката ќе трае до крајот на идниот месец.
Тамара Марковска
