Во бранот израелски напади на Израел во Либан загинале над 500 лица, а повеќе од 1.645 се повредени соопшти либанското Министерство за здравство.
Меѓу жртвите, според статистиките на земјата се 35 деца и 58 жени.
Ова е најсмртоносниот бран воздушни напади врз милитантната група Хезболах, која добива поддршка од Иран, од 2006 година.
Нападите, фокусирани на јужен и источен Либан, почнаа вчера наутро и во нив беа погодени 1.300 цели на Хезболах, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нападот го опиша како превентивен, а целта како што посочи е да се елиминира оружјето на Хезболах.
Меѓувреме Франција побара итна седница на СБ на ОН за ситуацијата на Блискиот Исток, каде се интензивираат судирите со Израел, изјави новиот француски министер за надворешни работи Жан Ноел Баро, пренесоа француските медиуми.
-Во овој момент мислам на либанскиот народ, откако израелските напади однесоа стотици цивилни жртви, вклучително и десетици деца. Овие удари на двете страни на линијата за разграничување меѓу Израел и Либан, повлечена од Обединетите нации и пошироко во регионот мора веднаш да престанат, рече Баро од говорницата на Генералното собрание на ОН.
Франција ги повика земјите, и оние кои ги поддржуваат, на деескалација со цел да се избегне избувнување на регионален конфликт што би бил катастрофален за сите и пред се за цивилното население.
– Во Либан, како и насекаде, Франција ќе остане целосно мобилизирана за решавање на големите кризи кои го поткопуваат меѓународниот поредок, увери Баро од говорницата на ГС на ОН.
Се огласи и Стејт департментот. Соединетите Американски Држави не поддржуваат ескалација на конфликтот што се случи во последните денови меѓу Израел и Хезболах, изјави висок американски функционер.
„Не можам да се сетам, барем не во последно време, дека каква било ескалација или интензивирање на конфликтот доведе до деескалација. Стабилизацијата не може да се случи на таков начин“, рече претставникот, наведувајќи дека Вашингтон интензивно ќе разговара со своите сојузници за конкретни идеи за смирување на ситуацијата и спречување на проширување на војната.
Израелските власти тврдат дека во никој случај не се за проширување на војната, туку дека овој напад, како и претходниот, е осмислен за да ги принуди членовите на Хезболах да најдат дипломатски решенија за актуелната криза. Претставникот на Стејт департментот го отфрли овој став и изјави дека САД не го поддржуваат.
