Лесно е со плата од 2.000 евра да зборувате дека зголемувањето на минималната плата од 360 евра ќе ја зголеми инфлацијата. Ова е коментарот на економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ на изјавата на министерката за финансии дека зголемувањето на минималната плата ќе ја зголеми инфлацијата, па тоа ќе го изеде покачувањето.
„По логиката на министерката, нека ја намалат минималната плата за да ја намалат инфлацијата, ама лесно и да зборува така со плата од 2.000 евра којашто не сака да ја намали. Да ја видиме да работи барем еден месец за минимална плата, па тогаш да ја слушнеме дали ќе кажува дали не треба да се зголемува минималната плата. Сериозно, ако ја погледнете економската литература на прашањето за минималната плата, нема скоро ниеден сериозен научен труд којшто кажува дека минималната плата ја зголемува инфлацијата. Напротив, има многу трудови од друга страна кои покажуваат дека кога има епизоди на инфлација, ако се зголеми минималната плата тоа спречува луѓето да западнат во сиромаштија“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Во март годинава, минималната плата, според закон, се зголеми на 22.500 денари, но синдикатите сметаат дека тоа не е доволно, со оглед на зголемувањето на трошоците за живот.
Сојузот на синдикати на Македонија бараше, уште во првите 100 дена од новата влада, минималната плата да се зголеми на 450 евра, односно околу 27.000 денари.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, во синоќешното гостување на Сител, вели дека би сакала да може да ги зголеми сите плати, но оти тоа ќе ја зголеми инфлацијата.
„Ако ние и понатаму зголемуваме инфлација и реално вредноста на платата повторно не дава никаков ефект, односно се намалува, не сме постигнале ништо. Ние сега во овој период, преку инфлацијата, плати – инфлација – плати, направивме животниот стандард на луѓето да е многу полош отколку што беше претходно. Ние мора да работиме на правилно утврдување на покачување на минималната плата којашто ќе подразбере зголемена продуктивност и врз основа на тоа секако дека ќе работиме на зголемување на платите“, рече министерката Димитриеска Кочоска.
Бизнисмените, пак, се противат на зголемување на минималната плата, зашто тоа ќе поттикне зголемување и на останатите плати и ќе ги зголеми нивните трошоци.
Минималната потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство, кое ја пресметува ССМ, е над 1000 евра месечно, односно скоро три минимални плати.
Срѓан Стојанчов