Вести Македонија Најважни

Македонија се согласила да нема распуштање на Судскиот совет, ниту на Советот на јавни обвинители – Телма дојде до документ кој е усогласен со ЕК

Документот за обврските што ги презеде Македонија, како дел од реформската агенда за Планот за раст до кој дојде Телма, откриваат дека Владата се согласила да нема распуштање на Судскиот совет, ниту, пак, распуштање на Советот на обвинители.

Во делот за имплементација и подобрување на регулаторната рамка за Судскиот совет пишува

„Нови членови на Судскиот совет (кои ги заменуваат оние на кои им е истечен мандатот) избрани согласно изменетиот закон“.

Рокот за спроведување на обврската е декември 2025-та.

Претходно, во истот дел е усогласено и донесување на нов закон за Судски совет, во согласност со препораката што ја даде оценката мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет во септември минатата година и мислењето на Венецијанската комисија. Обврска што треба да се исполни до јуни 2025 година.

Во делот на подобрување на судскиот интегритет преку ревидирање на процесите на регрутирање, селекција, именување, оценување, унапредување, преместување и разрешување на судии и обвинители, се наведува донесување и навремено имплементирање нови Закон за јавно обвинителство и нов Закон за Советот на јавни обвинители, во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди, вклучително и мислењето на Венецијанската комисија. Според документот, рокот за спроведување на оваа обврска е декември 2025 година.

Во однос на платите на судиите и обвинителите, усвојување на измени на законите е предвидено до јуни идната година.

Премиерот Христијан Мицкоски, неколку пати повтори дека распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители е решение за враќање на довербата на правосудството, која сега според анкетите е околу два отсто.

На ова остро се спротивстави амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир, велејќи дека тоа би значело мешање во независноста на судството. Мицкоски на тоа врати дека амбасадорите се мешаат во внатрешните работи на земјата.

Сега документот на кој Македонија се согласила за да ги добие парите од Планот за раст на Унијата, а кои се условени со спроведување на реформите, покажува дека распуштање на Судскиот и Советот на обвинители нема да има.

Со потпишувањето на документот Македонија ќе има на располагање 700 милиони евра. Европски пари од кои дел ќе бидат грантови, а дел заеми.

Со потпишување, односно ратификација на договорот, што се очекува да се случи до септември, Македонија ќе ги добие првите 70 милиони.

Реформската агенда неопходна за Планот за раст, освен судството ги вклучува и јавните финансии, енергетиката и зелената транзиција, дигитализацијата, образованието, олеснување на бизнис климата и развој на приватниот сектор.

Марија Дивитарова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Престрелка во Чаир, едно лице е повредено

Дејан Дејан

Мицкоски: Нема да паднеме во замката на Бугарија да бидеме вовлечени во нејзиното предизборие

Дејан Дејан

Продаваат пелети како словенечки, а немаат врска со Словенија – директорот на ДПИ со предупредување до граѓаните

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе