Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против Дрин Ахмети. Внукот на Али Ахмети се сомничи за злоупотреба на концесија за рудник кај Кичево. Освен Дрин Ахмети, со кривичнбата пријава е опфатен и управителот на фирмата кој раководел во периодот од 2008 година до 2017 година. Пријави има и за неколкумина вработени во министерството за економија. Тие, пак, се сомничат за несовесно работење, бидејќи биле должни да вршат надзор на концесијата.
„Во период од 2016 година до 2023 година, кривично пријавените постапиле спротивно на Закон за минерaлни суровини и договорот за концесија за експлоатација на локалитет во Општина Зајас, склучен меѓу правното лице и владата, претставувана од страна на тогашниот министер за економија. Истите биле должни да плаќаат точно утврден годишен надоместок за користење на просторот кој бил доделен со концесија за експлоатација и надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина, и како потписници на сметка на правниот субјект исплатиле помалку концесиски надоместоци во вкупен износ од 1,6 милиони денари, при што предизвикале штета и на буџетот“, соопштија од МВР.
