Јавниот долг ќе расте, дефицитот се продлабочува. Се зголемуваат и приходите и расходите. Новата Влада ја прекрои државната каса. Планира да собере нешто над 5 милијарди евра, да потроши 5, 8 милијарди евра. Ќе има повеќе пари за плати и пензии, но јавни долг од сегашните 62 ќе скокне на фрапантни 68 проценти од БДП кој ќе бидат помал од првично проектираниот. За 175 милиони евра се зголемува и буџетскиот дефицит. Но, министерката Кочовска уверува дека се внимавало да не се наруши и кредитниот рејтинг на земјава.
Сепак, треба да бидеме и многу сериозни и кон меѓународните финансии институции, имаме кредитен рејтинг и не смееме да го доведеме во прашање, вели министерката за финансии, Гордана Димитроска Кочовска.
Околу 66 милиони евра има повеќе за плати. Со тоа вкупно средствата за оваа ставка надминуваат 700 милиони евра. Предизборното ветување повлече повеќе пари и за пензии -80 милиони евра. за покривање на дупката во ПИОМ досега се префрлаа околу 500 милиони евра. Колку ќе треба сега, од финансии писмено ќе одговорат. Со прекројувањето се префрлале пари од повеќе места -од капитални инвестиции, но се чепнало и кај ставката стоки и услуги и кај разните трансфери. Состојбата до крајот на годинава ќе се истурка ,но Кочовска вели стартот на идната ќе биде тежок, кога доспева за враќање еврообврзница.
Голем е предизвикот за јануари мора да ги разгледаме сите опции на располагање мора да ја разгледаме и опцијата за еврообврзница. Не сме среќни ако мора да ја земеме зошто е со повисока камата од унгарскиот заем и затоа правиме напор да го земеме ако не ќе мора да одиме со еврообврзница, додава Кочоска
Заемот од 500 милиони евра од Унгарија за општините и стопанството нема да влијае на долгот затоа што од претходно е планиран. Овие пари ќе легнат на сметка накаде во септември.
Ќе се вратат и долгови на ЈСП, ЈПДП, ЕСМ, железница. На електрани ќе им се помогне сега во август но потоа нема да има поддршка за нив и ќе мора сами да работат.
Според, проекциите годинава ќе се заврши со скромен раст од 2,1 процент, наместо со 3, 4 отсто. Инфлацијата ќе изнесува 3, 5 проценти. Кочоска обвини дека затекнале буџет во хаос и за тоа ќе мора некој да одговара.
Ирена Чачкова