Вести Економија Топ вести

Мицкоски ќе им го даде буџетот на увид на синдикатите за да видат дали има пари за повисок минималец – ССМ не се откажува од барањето

Синдикатите сами да видат дали во буџетот има пари за зголемување на минимална плата од 450 евра во првите 100 дена влада, како што бараат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Пораката, премиерот Мицкоски ја оправдуваше со катастрофалната состојба во буџетот по, како што нарече, „тајфунот кој минал во последните седум години“.

„Се надевам дека во првите 100 дена ќе имам можност да седнам заедно со синдикатите и јас и министерот за финансии и за економија и труд кои се задолжени за овие прашања за социјална политика демографија и млади и да разговараме и да им ги покажеме бројките. Ако има можност еве самите да видат нема проблем, но ако нема сите заедно да донесеме заклучок како заедно да работиме и да создадеме можност“, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Од ССМ не отстапуваат од барањето – минималната плата, наместо во март догодина, треба сега да се корегира, односно веднаш да се зголеми за околу 80 евра.

„Сметаме дека растот на платите треба да оди со забрзано темпо и токму поради тоа побаравме уште во првите 100 дена на новата влада, минимална плата да се зголеми на најмалку 450 евра, онолку колку што е приближно во земјите во регионот, за да не се доведеме во ситуација нашите квалификувани работници да заминуваат да работат таму, а ние да останеме без работна сила“, се вели во допсиот од ССМ.

Минималната плата не се споменува ниту во владината програма, а нема ниту најава дали со ребалансот би се обезбедиле пари. Министерот за економија и труд, Дурмиши, пак, рече дека на првиот состанок со синдикатите, минималецот ќе биде прва точка за што ќе се разговара, но не прецизираше кога би се случило тоа.

И додека синдикатите чекаат дали до есен ќе се најдат пари за повисока минимална плата, она што е сигурно е дека ќе се обезбедат за повисоки пензии, но и за проекти во општините. Се чека и најавената милијарда од странска влада, за ова задолжување Мицкоски рече дека повеќе детали  ќе има идната недела.

Ирена Чачкова

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Вучиќ од вечерашниот митинг: Ќе бидам претседател уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка

Дејан Дејан

(видео)1.430 загинати најнов биланс на жртвите во земјотресот во Венецуела – пред затворање на 72-часовниот прозорец пронајдено живо бебе

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе