Култура

Обезбеден Основниот проект за реновирање на просториите за новиот Џез оркестар

Новоформираната Национална установа Оркестар за џез музика, која доби од Владата трајна адреса во Националната опера и балет, добива и финансиски средства преку програмата ТАВ, со кои доделениот објект ќе биде соодветно реновиран. Проценетата проектантска вредност за реновирањето е околу 200 илјади евра (11.714.709,00 ден.), од кои 10 милиони денари (162 000 евра) се обезбедени преку програмата ТАВ, а преостанатите 1 милион 714 илјади денари (околу 28 000 евра) ги обезбедува Министерството за култура. 

Ова денеска на прес – конференција го соопштија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Министерката информираше дека, Министерството за култура обезбеди изработка на Основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната установа Национална опера и балет. 

  • Просторот е со површина од 475 квадратни метри, и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории. Проектот предвидува и простории за машинска опрема и електрични инсталации – рече Костадиновска-Стојчевска. 

Таа додаде дека како Министерство за култура, и лично таа како министерка е особено задоволнa од ова урбано решение за еден оркестар каков што е Оркестарот за џез-музика.

  • Со работата на Здружението на џез-музичари во овој круг на градот, оживуваме многу стари спомени за Скопје, го заокружуваме музичкиот простор каде што се и Средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет, Филхармонијата, па и живиот парк „Ибни Пајко“ − истакна министерката за култура.

Одлуката на Владата за изнаоѓање нов простор за работа на Оркестарот за џез музика следеше откако Синдикатот на Македонската филхармонија пролетта одржа повеќе протести зашто не се согласуваше Оркестарот на Здружението на џез музичари да работи во истата зграда со нив, со образложение дека нема доволно простор за двата оркестри.

  • На крајот да потсетам дека како што ветивме, беа потребни само неколку месеци за да се формализира одлуката за основање на новата установа – Оркестарот кој во изминативе години стана една од омилените институции која пополнува огромна празнина во современата музичка култура на земјава. Уверена сум дека Оркестарот за џез-музика ќе се развива во уште посериозен двигател на културата во земјава и афирматор на македонската музика и изведувачка уметност низ светот – рече Костадиновска-Стојчевска.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на прес-конференцијата истакна дека со ова создаваме модерен амбиент каде оркестарот ќе може непречено да создава џез музика, со што Северна Македонија ќе ја постави на мапата на земји кои институционално го негуваат овој стил на музика.

Битиќи појасни дека се работи за финансиски средства од ТАВ програмата, поточно за позитивната разлика од околу 30 милиони денари помеѓу проектираната и изведбената цена од веќе изведените инфраструктурни проекти по нашите општини.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„ Кимоно инспирации“ од влијанието на јапонската култура и традиција врз уметникот Благој Мицевски

Дејан Дејан

Дино Имери: Шопен за мене е предизвик заради дилемите околу интерпретацијата на неговите композиции

Дејан Дејан

58 МТФ „ Војдан Чернодрински“ со 11 претстави во натпреварувачката програма

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе