Вести Македонија

Припадници на хипи-секта кампираат и палат огнови среде национален парк Маврово, надлежните тврдат- се е регуларно

Неколку стотини лица, главно странци од повеќе држави, веќе неколку дена кампираат покрај Мавровското езеро во близина на село Леуново, палејќи логорски огнови и изведувајќи свои ритуали. Групацијата позната како Rainbow Gatherings, традиционално изведува повеќедневни собири на разни локации низ светот, пропагирајќи ги идеалите на некогашното хипи-движење во модерни услови, при што се кампува на отворено, во природа, а луѓето се собираат околу огнови, приготвуваат храна и се дружат. Локалното население реагира дека, во ек на сезона на опасност од шумски пожари, само дваесетина дена откако Владата донесе забрана за движење низ шумите во државава токму поради зголемената опасност од палење на сувата вегетација поради високите температури, полицијата и надлежните од Национален Парк Маврово го толерираат овој собир и палењето огнови и тоа на приватен имот на граѓани, кои за тоа не дале согласност.

„Овие лица ја запоседнаа локацијата Црн Камен крај село Леуново, и сместени се на ливада која е во моја сопственост, и тоа со знаење и одобрение од Национален парк Маврово“, вели Владо Лазаревски, кој воедно е и претседател на месната заедница во селото. Лазаревски вели дека група граѓани и МЗ Леуново го пријавиле случајот во полиција, но оттаму не било интервенирано.

Од СВР Тетово за Телма информираат дека се работи за пријавен собир на луѓе од странство, за кој тие се информирани, а дозволата за користење на локацијата ја издал Национален парк Маврово, како и тоа дека се работело за државно земјиште. Според портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, локацијата била избрана поради лесната пристапност, во случај на некаков инцидент или пожар.

Што се однесува до поплаките на Лазаревски дека хипиците кампуваат на негов имот, Реџепи со одговор: „Со лицето е разговарано, очекуваме да достави писмен доказ дека се работи за негов имот. Доколку сепак е таков случај, ние ќе постапиме соодветно и ќе ги дислоцираме“.

Од месната заедница на село Жировница, кое исто така се наоѓа на територијата на НП Маврово, за Телма изјавија дека хипи-собирот најпрвин, пред да ги постават шаторите во Леуново, без никакво одобрение или информација, поставиле шатори над нивното село, а откако Жировничани побарале асистенција од полицијата поради палење на огнови и масовни собири во шумскиот простор во близина на селото во време кога е голема опасност од шумски пожари, тие морале да си заминат од таму. „Овие кампери беа лоцирани во излетничкиот дел што се наоѓа над село Жировница. Вие знаете дека сме ние народ со широко срце и модерни сфаќања ама ова беше премногу и за нас. Воопшто не ни се допадна нивното однесување и ги замоливме да си заминат, но тие почнаа да ни прават проблеми, па моравме да побараме асистенција од полицијата. За среќа, успеавме да ги натераме да си заминат, но, сега слушам дека нашите комшии од Леуново имаат проблеми со истите луѓе“, вели Аднан Салиу, претседател на месната заедница во село Жировница.

Одговор побаравме и од НП Маврово, но директорот Самир Ајдини најави дека преку соопштение дополнително ќе се изјаснат во врска со случајот.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Престрелка во Чаир, едно лице е повредено

Дејан Дејан

Мицкоски: Нема да паднеме во замката на Бугарија да бидеме вовлечени во нејзиното предизборие

Дејан Дејан

Продаваат пелети како словенечки, а немаат врска со Словенија – директорот на ДПИ со предупредување до граѓаните

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе