Uncategorized Вести Македонија Најважни

Убиство во Приштина открива скандалозна судска одлука во Скопје: Ликвидираниот Шабани (Даци) избегал во Косово откако судот му дал домашен притвор за оружје, го истражуваат и за убиството во „Шиша бар“

За ликвидираниот во Приштина, Блерим Даци алиас Шабани, скопскиот кривичен суд имал одобрено меѓународна потерница бидејќи во неговиот стан му било најдено оружје во рамки на истрага за тешки кривични дела. Но судијата му определил само домашен притвор, па откако обвинителството барало затворски, скопскиот кривичен суд му определил 30 дена во Шутка. Но тој веќе бил во бегство. Според информациите на Телма, ликвидираниот Даци алиас Шабани бил опфатен и во истрагата за двојното убиство во Шиша Бар во Чаршијата. Разузнавачки извори тврдат дека Даци издржувал и затворска казна во Пакистан за учество во вооружена група на Ал Каеда.

Македонија го барала со распишана меѓународна потреница, тој си живеел во Косово со автомобил со македонски таблички и со сменет идентитет. Бегството на Блерим Даци алиас Шабани (официјалните лични документи му се презиме Шабани) се расветли со нов злостор, тој синоќа е ликвидиран во Приштина.

Убијците избегале, ги фрлиле двата калашњикови со кои пукале во 41-годишниот чаирчанец и ја запалиле колата со која го чекале во убиствената заседа.

Но, по неговото убиство во Приштина, извори од истрагата за Телма потврдија дека застреланиот Даци алиас Шабани бил меѓу осомничените за нападот и двојното убиство во Шиша бар кое се случи во март во старата скопска Чаршија.

Тој случај се уште не е расветлен, но изворите на Телма тврдат дека постоеле големи сомнежи дека и Даци бил вмешан во тој крвав инцидент иако знаеле дека веќе бил во бегство во Косово.

Од обвинителството за двојното убиство во Шиша бар велат дека истрагата е во тек и досега има само еден осомничен, а се уште се трага по извршителите и организаторите на мартовскиот  масакр во Чаршијата. Истрагата е во тек и нема други официјални информации.

По Блерим Даци била определена и согласност за меѓународна потерница откако му било најдено оружје во домот.

На полициските снимки од акцијата (објавени на веб сајтот на МВР) се гледа дека на 10-ти ноември лани во станот на Шабани се најдени три пиштоли, муниција и дрон кој според полицијата се користел за кривични дела.

Блерим Шабани добил домашен притвор, а првичниот шок, обвинителството го компензирало со барање да му се определи затвор во Шутка.

-По жалба на ОЈО – Скопје, Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, на 24.11.2022. година ја преиначил одлуката од претходна постапка со што на лицето му е определена мерка притвор, истовремено, согласно решението надлежната полициска станица е известена веднаш да го спроведе лицето од куќен пртивор во КПУ Затвор Скопје, одговорија од скопскиот кривичен суд.

До новата одлука на судот Шабани односно Даци веќе бил во бегство.

-И покрај определената мерка притвор, судот на 29.11.2022. година од надлежното МВР е известена дека обвинетиот воопшто не се придржувал ни кон мерката куќен притвор по што е донесено решение за мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода како и издадена наредба за потерница и согласност за распишување меѓународна потерница, одговорија од Основен кривичен суд Скопје.

Според полициското соопштение од ноември лани, по акцијата, Шабани бил уапсен во рамки на истрага за друго убиство и за предизвикување општа опасност.

И покрај сите овие наводи, судијата сепак му определил само домашен притвор.

Според информации на Телма, Шабани алиас Даци бил опфатен во истрага за убиство на припадник на кланот Грчец во Бутел извршено пред две години.

Од ноември Даци бил во бегство, но, истрагата и за Шиша бар повторно го вклучила на листата осомничени, тврдат изворите на Телма.

Шабани го сменил семејното презиме Даци откако со тој идентитет издржал 18 месеци затвор во Пакистан како припадник на Ал Каеда.

Од затвор во Карачи во Пакистан бил пуштен 2011-та година, тврдат разузнавачки извори кои го работеле неговиот случај. Бил во Турција, па на боиштата во Сирија, повторно се вратил во Турција. На крај се вратил во Косово, по што пристигнал во Македонија.

По враќањето во Македонија, некаде во 2014-та, тој го сменил презимето во Шабани.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе