Медицинска нега, сообраќајка, дотур на лекови. Македонија на располагање има 263 амбулантни и санитетски возила за потребите на граѓаните, а најстарото возило има 35 години, покажуваат последните податоци од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Ова возило го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево.
Минатата година се набавени две возила. Eдното за потребите на Клиничката болница во Штип, а другото во Здравствениот дом во Тетово. Податоците на Центарот покажуваат и дека просечната набавка на едно возило чини околу 38.000 евра, додека најскапо се купени двете возила по 100.000 евра кои Министерството за здравство им ги подари на Клиниката за детски болести во Скопје.
Според истражувањето на Центарот, сите овие возила здравствените установи ги добиле на користење или донација, а само 22 отсто од возилата се купени со сопствени средства. Најчест донатор е министерството за здравство, а преку донација добиле и од други земји, невладини организации или поединци. Податоците покажуваат дека за три години македонското здравство има 80 возила повеќе, технички неисправните и дотраени возила се заменети со нови, но само 30 од новонабавените 80 возила се нови.
Слична е состојбата и со возилата на противпожарната бригада. На користење се 284 возила за гаснење пожар, цистерни за вода и возила за пожарникарите и опремата. Просечната старост на возилата е 30 години, а има и такви кои ја надминуваат оваа возраст. Па така, на пример, според базата на податоци на центарот, најстарото противпожарно возило од 57 години е камионот Там во Валандово.
Најнов возен парк имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години. Проблем во оваа професија се јавува и недостигот на пожарникари. На земјава и недостигаат 340 пожарникари, а најголем дел на главниот град. На денот на пожарникарството пред три недели, и командантот на противпожарната бригада во Скопје Звонко Томевски ја потврди оваа информација.
Според, Томевски пожарникарството е атрактивна професија, но за истата не се одобруваат пари за вработување.
Симона Петровска