Најавите за генерален штрајк во Министерството за финансии и кривична пријава за министерот Бесими ги натераа пратениците да размислат уште малку околу тоа, за кого треба да важи законот што неодамна го донесоа со консензус. Парадоксално, автентичното толкување кое го побара пратеникот од ДУИ, Бедри Фазли,неговиот сопартиец, вицепремиерот Артан Груби, го протолкува во корист на министерот од нивната партија кој тврдеше дека, изгласаното покачување на платите важи само за вработените во секторот што работи на изготвување и извршување на буџетот, а не и во целото министерство.На ова реагираше опозицијата, која побара прекин на седницата, што беше и сторено.
Денеска и Сојузот на синдикати на Македонија предупреди дека, пратениците ќе направат кривично дело, доколку го амнестираат министерот и неговиот избор да не го почитува законот.Најавија кривични пријави за Бесими и за сите вклучени во, како што велат, извртувањето на законот што сами го донесоа. Со тоа што не им ги зголеми платите на вработените во министерството, иако има законска обврска да го стори тоа, Бесими, според нив, сторил кривично дело по член 166 од Кривичниот законик.
Ваква срамна дискриминација кон вработените во најважната владина институција не е видена во спроведување на правото па прашуваме, дали владините претставници кои пред само еден месец се фалеа со добриот закон,сега ги омаловажуваат своите вработени? Доколку го менуваат ставот од денес до утре за платите на работниците кои се нивно право утврдено со Закон, кому му е доверена државната каса?Дали тоа значи дека некои министри се над законите, а некои пратеници не се ништо повеќе од аминџии на политиките на тие министри, прашуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Синдикатот на вработените во министерството за Финансии, пак, најави генерален штрајк.
Ова е огромен скандал. Зад очите на јавноста, без консултации со вработените и синдикатите, сакаат да го скратат она покачување што законски ни следува на сите вработени во Министерството, соопштија од Синдикатот на вработените во министерството за Финансии.
Законот за буџетите е еден од ретките закони што беше консензуално изгласан од сите политички партии.
Далиборка Демјанска Цветановска
